Постојат многу фактори што влијаат на тежината, а од самиот човек зависи дали ќе се одлучи за здрав начин на живот. Не мора да се подготвувате за олимписки игри, доволно е тоа да биде некаква редовна активност, како шетање, брзо одење, пливање – само излезете надвор и движете се. Долги години се сметаше дека генетиката и дебелината имаат некаква поврзаност. Нова студија на Универзитетот во Кембриџ, Велика Британија, конечно даде одговор на прашањето што си го поставуваат многумина што се на диета: Зошто некои луѓе можат да јадат сè што сакаат и никогаш не се дебелеат?
Во студијата, универзитетските истражувачи споредиле ДНК на околу 1.600 слаби (потхранети) доброволци, околу 2.000 лица со прекумерна дебелина и контролна група од дури 10.000 лица со нормална тежина. Користејќи генотипски податоци, тие дошле до заклучок дека слабите лица за својот изглед можат да им се заблагодарат на своите гени. Многу студии досега ги споредувале варијантите на гените на дебелите пациенти со пациенти со нормална телесна тежина, но само две претходни студии ги истражувале гените на слабите лица. Учесниците во истражувањето морале да имаат индекс на телесна маса помал од 18, да бидат во добро здравје и да немаат никакви медицински состојби или нарушувања во исхраната. Истражувачите собрале примерок од плунка за ДНК-анализата. На учесниците им биле поставени прашања за нивното општо здравје и начин на живот. Генетиката и дебелината, значи, одат рака под рака. Меѓутоа, генетиката не е единствениот фактор што го одредува телото.