Фото: Пиксабеј

Исто како што Земјата орбитира околу Сонцето, повеќето планети во и вон нашиот Сончев Систем имаат своја ѕвезда-домаќин. Некои, пак, таканаречени „одметнати“ планети немаат своја ѕвезда и малку се знае за нивното потекло. Астрономите забележаа токму таква планета којашто нуди нов увид во оваа појава.

Научниците од Астрономската опсерваторија во Палермо, при Италијанскиот национален институт за астрофизика (ИНАФ) велат дека новооткриената „одметната“ планета, наречена Ча 1107-7626, е околу пет до 10 пати помасивна од Јупитер – најголемата планета во нашиот Сончев Систем. Таа е забележана во средиштето на меѓуѕвезден диск од гас и прашина, формирајќи се слично како млада ѕвезда, додека го голташе околниот материјал со брзина што никогаш порано не е видена за таков објект.

Во август, астрономите измерија стапка на акреција (зголемување на масата на небесно тело поради гравитационото привлекување на околната материја) од шест милијарди тони во секунда, настан што претходно е забележан само кај млади ѕвезди и кафеави џуџиња.

– Ова е најсилната епизода на акреција некогаш забележана за објект со планетарна маса, слична на најинтензивната фаза на раст што ја гледаме кај младите ѕвезди. Овој објект е стар околу еден до два милиони години. Многу е млад според астрономските стандарди – изјави проф. Виктор Алмендрос-Абад.

За разлика од повеќе од 6.000 познати планети што орбитираат околу ѕвезди, овие планети немаат ѕвезда-домаќин. Дали се формирале како ѕвезди, преку колапс на гасни облаци или биле исфрлени од нивните сончеви системи, сè уште не е јасно.

Спектралните анализи открија и водородни траги карактеристични за магнетно насочена акреција. Набљудувањата покажаа дека објектот е опкружен со диск богат со силикати и јаглеводороди, со докази за водена пареа и хемиски промени за време на експлозијата. Како и да е, според научниците, сè повеќе докази посочуваат дека Чa 1107-7626 се обликувала како ѕвезда, а не како планета исфрлена од својот систем. Научниот труд е објавен овој месец во „Астрофизикал журнал летерс“ (Astrophysical Journal Letters).