Половина од парите потрошени во светот за купување амбалажирана вода, чија потрошувачка буквално експлодира во последните децении, би биле доволни за да се обезбеди универзален пристап до вода за пиење, според студија на Обединетите нации. Доколку потрошувачите престанат да пијат вода од шишиња, тие ефикасно ќе придонесат за намалување на загадувањето со пластика, со оглед на тоа што 85 проценти од тие шишиња завршуваат во отпад, се додава во извештајот. Вкоренетите предрасуди силно влијаат врз изборот на потрошувачите што да пијат, истакнуваат авторите.
– Тие веруваат дека амбалажираната вода е поздрава – објаснува Зеинеб Булел, раководител на студијата на ОН.
Сепак, тоа не е нужно точно, а луѓето плаќаат премногу за амбалажирана вода, од 150 до дури 1.000 пати поскапо од литар вода од чешма. Загадувачи се пронајдени во стотици брендови во шишиња од повеќе од 40 земји и честопати ги надминуваат локалните и светските стандарди, се истакнува во извештајот. Текстот исто така предупредува на сериозен недостиг од регулативи за производство на шишиња. Се истакнува дека владите не успеваат да го следат галопирачкиот раст на тој сектор.
– Неконтролираната експлоатација на подземните води за целите на амбалажирање и продажба со текот на времето може да доведе до осиромашување или драстично намалување на подземните резерви на вода за пиење – велат авторите.
Милијарди без пристап до вода за пиење
Две милијарди луѓе во светот сè уште немаат пристап до квалитетна вода за пиење, предупредува Владимир Смахтин, еден од авторите на студијата. Според студијата, постигнат е одреден напредок. Па така, во 2020 година, 74 проценти од светската популација имала пристап до безбедна вода од чешма, што е зголемување во споредба со 62 проценти една година претходно. Но, „сè уште сме многу далеку“ од постигнување на целта на Обединетите нации за обезбедување пристап до вода за пиење за сите жители на планетата до 2030 година, жали Смахтин. Тој предупредува дека „сегашниот тренд не е одржлив“.
Авторите на извештајот на ОН исто така повикуваат на многу поголема транспарентност и ги повикуваат земјите да усвојат законски мерки што би ги обврзале производителите јавно да објавуваат податоци за тоа колку кубни метри вода пумпаат и редовно да ги проценуваат последиците од нивните активности врз животната средина. Во изминатите десет години светското производство на амбалажирана вода се зголеми за 73 проценти и достигна речиси 270 милијарди долари и 350 милијарди литри.