Обемна студија за човечки болести што датира од пред 37.000 години идентификуваше штетни бактерии, вируси и паразити што ги мачат луѓето со милениуми, пронаоѓајќи ги првите докази за бактеријата на чума пред околу 5.500 години. Студијата го мапирала целиот каталог на заразни болести со анализа на ДНК од коските и забите на 1.313 луѓе што живееле низ Европа и Азија (Евроазија) од раната камена доба, пред околу 12.500 години, до пред околу 200 години – при што најстариот примерок датира од пред 37.000 години.
Истражувачите откриле дека најраните докази за зоонотски болести – болести пренесени од животни на луѓе – датираат од пред околу 6.500 години и станале пошироко распространети околу 1.500 години подоцна.
Транзицијата кон земјоделство и сточарство – нова ера на болести
– Одамна се сомневавме дека транзицијата кон земјоделство и сточарство отворила врата кон нова ера на болести – сега ДНК ни покажува дека тоа се случило пред најмалку 6.500 години. Овие инфекции не само што предизвикале болести – тие можеби придонеле за колапс на популацијата, миграција и генетска адаптација – рече професорот Еске Вилерслев од универзитетите во Кембриџ и Копенхаген.
Една студија ја откри најстарата генетска трага од Yersinia pestis, бактеријата чума, во примерок стар 5.500 години. Се проценува дека помеѓу една четвртина и половина од европското население починало од чума во текот на средниот век.
– Тоа е едноставно најстариот пример на чума што сме го виделе досега. Кога ќе го погледнете ова откритие, навистина можете да видите како чумата еволуирала со текот на времето до верзијата што ја знаеме од „црната смрт“ – пандемијата на чума што ја погоди Европа во 1346-1353 година и на некои места уби до 40 проценти од населението – рече Фредерик Серсхолм од Универзитетот во Копенхаген.
Пронајдени се и траги од 11.000-годишна дифтерија, 9.800-годишен хепатитис Б и 4.200-годишна маларија. Вкупно, истражувачите идентификувале 214 познати човечки патогени кај праисториските луѓе од Евроазија.
Зоонозите станале вистински проблем пред околу 5.000 години
Професорката Астрид Иверсен од Универзитетот во Оксфорд изјави дека зоонозите станале вистински проблем пред околу 5.000 години.
– Зоонозите првпат станаа голем проблем за луѓето кога почнавме да ги чуваме животните заедно во големи стада и да живееме блиску до тие животни. Тоа значеше дека животните можеа полесно да се заразат и ризикот од нивно инфицирање на луѓето се зголеми – рече Иверсен.
Авторот Мартин Сикора од Универзитетот во Копенхаген рече дека разбирањето како болестите се развивале во минатото „може да ни помогне да се подготвиме за иднината“.
Вилерслев се согласува, велејќи дека мапирањето на античките болести може да помогне во развојот на денешните вакцини.
– Можете да видите кога вирусот и бактериите мутирале, како мутирале, колку брзо се променил геномот – и кои мутации изгледаат особено значајни. А мутациите што биле успешни во минатото веројатно ќе се појават повторно – рече Вилерслев.