Фото: Пиксабеј

Минатата година, поради глобалното затоплување предизвикано од човекот, половина од светот се соочи со дополнителен месец топлотен бран во споредба со вообичаеното, според студија објавена во петокот. Резултатите од истражувањето укажуваат на степенот до кој континуираната употреба на фосилни горива им штети на здравјето и благосостојбата на сите континенти, со последици што не се доволно препознаени во земјите во развој, истакнуваат научниците.
– Со секој согорен барел нафта, со секој тон ослободен јаглерод диоксид и секој дел од степенот на затоплување, топлотните бранови ќе влијаат на сè повеќе луѓе – вели Фридерике Ото, климатолог на колеџот „Кингс“ во Лондон и коавтор на студијата.
Анализата ја спроведоа научници од Климатскиот центар на Црвениот крст и црвената полумесечина, а беше објавена пред Светскиот ден на екстремната топлина на 2 јуни, кој оваа година е посветен на опасностите од топлотната исцрпеност. За да го проценат влијанието на глобалното затоплување, научниците го анализираа периодот од 1 мај 2024 година до 1 мај 2025 година. Тие ги дефинираа „екстремно топлите денови“ како оние што беа потопли од 90 проценти од температурите регистрирани на дадените локации помеѓу 1991 и 2020 година. Споредувајќи го бројот на такви денови со симулиран свет без глобално затоплување предизвикано од човекот, тие дојдоа до зачудувачки резултат: околу четири милијарди луѓе, 49 проценти од светската популација, се соочија со екстремна топлина 30 дена подолго отколку во симулираниот свет. Научниците идентификуваа 67 епизоди на екстремна топлина во текот на изминатата година и пронајдоа знак на климатски промени во секоја од нив. Карипскиот остров Аруба беше најпогоден, со 187 дена екстремна топлина, 45 дена повеќе отколку во светот без климатски промени.