Кучињата се верни придружници на луѓето уште откако станале првите припитомени животни, како потомци на сивите волци – иако точното време, место и причина сè уште не се целосно разбрани. Новите генетски истражувања сега го идентификуваа најстарото познато куче, кое датира од пред 15.800 години. Истражувачите велат дека тоа куче, идентификувано врз основа на коските пронајдени во карпестото засолниште Пинарбаси во Турција, кое го користеле древните човечки ловци, е околу 5.000 години постаро од претходното најстаро генетски потврдено куче. Возраста на кучето од Пинарбаси и неколку други речиси еднакво стари единки пронајдени на други места во Европа покажува дека кучињата веќе биле широко распространети и составен дел од човечката култура со милениуми пред појавата на земјоделството.
Вилијам Марш, постдокторски истражувач во Лабораторијата за античка геномика при Институтот „Френсис Крик“ во Лондон и еден од водечките автори на една од студиите, рече дека ДНК-доказите укажуваат дека кучињата биле присутни на различни места во Западна Евроазија пред 18.000 години и дека тие веќе биле генетски доста различни од волците.
– Претпоставуваме дека популациите на кучиња и волци се разликувале многу порано, веројатно пред последниот глацијален максимум (ледена доба), односно пред повеќе од 24.000 години. Сепак, мора да нагласиме дека сè уште постои голем степен на неизвесност – рече Марш.
Кучето, кое потекнува од стара популација на волци одвоени од модерните волци, било првото животно припитомено од луѓето, додека животните како козите, овците, говедата и мачките дошле подоцна.
– Кучињата биле со нас додека луѓето минувале низ големи животни транзиции и се појавувале сложени општества – рече генетичарот Андерс Бергстром од Универзитетот во Источна Англија, главен автор на втората студија.
Бергстром и неговиот тим спроведоа обемно пребарување за раните кучиња во Европа користејќи нов метод за генетско разликување на волци и кучиња меѓу 216 антички остатоци со возраст од 46.000 до 2.000 години од Белгија, Данска, Франција, Германија, Холандија, Шкотска, Шведска, Швајцарија и Турција. Тоа беше најголемото истражување на вакви остатоци досега. Научниците успеаја да идентификуваат 46 кучиња и 95 волци. Бидејќи скелетите на кучињата и волците во раните фази на припитомување биле многу слични, потребно е генетско истражување за да се разликуваат во античките остатоци. Најстарото од кучињата идентификувани од тимот на Бергстром датира од пред 14.200 години од пештерата Кеслерлох во Швајцарија.
Најстарите европски кучиња идентификувани во тоа истражување покажаа дека го делат потеклото со кучиња во Азија и остатокот од светот, што укажува дека овие различни популации на кучиња не произлегле од одделни епизоди на припитомување.































