Песни што ме тераат да играм

Диме дојде речиси одникаде на тој летен одмор кај баба му Мица, која живееше четири куќи од мојата. Бевме генерациски многу блиску и тоа лето ми го направи едно од најубавите, воопшто. Не се знаевме од порано, неговите се преселија во Хрватска неколку месеци пред да се породи мајка му и немаше дојдено цели 14 години. Незаборавни беа деновите и ноќите тоа лето. Како номади, пеш од Влае до браната Матка, со две напумпани внатрешни автомобилски гуми на рамото, па качи се на гумата по браната и долго плови по Треска и Вардар, сѐ до Влае. Патем застани кај базенот во Сарај, кај дрвениот мост кај стадионот „Југококта“ и на крајот симни се кај железниот мост помеѓу Влае и Нерези, од кој моравме да скокаме заедно со легендите од околината (ако сакаш да се капеш, мора да се докажеш). И ноќите не беа помирни, по дискотеките во парк. При едно од тие скокања преку оградите на дискотеките (немавме пари да платиме карти), редарите неѐ фатија со Диме. „Ај сега шлаканици да си удирате меѓу себе“, така беше правилото. Диме наместо мене, му удри шлаканица на редарот, јас на другиот, и така се степавме со десетина од нив. Бевме претепани, ама не избегавме, онака машки другарски, ние против сите. Другарство што го имаш еднаш во животот, сѐ друго потоа беше имитација.
Диме израсна без мајка, таму во Загреб таа починала кога имал само неколку месеци и никогаш не ја почувствувал мајчинската љубов. Понекогаш ќе го фатев така замислен кога одевме по скопските улици, а тој кога ќе видеше мајка со дете ќе пуштеше некоја солза. Ми кажуваше дека не се сеќава воопшто на неа, се прашуваше дали воопшто го сакала, бараше доказ за мајчината љубов. Знаејќи дека сум ептен по музиката ми подари плочи, спакувани во кутија, кои ги купувала мајка му.

Долго време не ја отворив таа кутија. Најубавото лето помина, Диме си замина во Загреб, а мене ми останаа спомените. Се надевав дека некоја наредна година ќе направиме реприза, но никогаш не се видовме. Понекогаш некоја честитка за Нова година и тоа беше сѐ. Баба му Мица ќе поминеше докај нас да каже дека е добар и дека ме поздравува. Времето си тече, помина една и пол деценија. Дознавме дека баба Мица не е добра. Ја посетив, ми кажа дека времето предвреме ѝ е дојдено, а можела уште, но најмногу ја погодило кога ѝ кажале дека Диме загинал пред некој ден. Диме, оној со кого созреав тоа лето, оној што ме направи она што сум, оној што ми даде верба во другарството, мојот најдобар другар Диме починал. Веста ме погоди силно. Избегнував да се гледам со луѓе и тоа траеше. Седев дома, слушав грамофонски плочи на „тоската“ (грамофонот). Веќе имав доста плочи, сѐ уште ги имам, и ги вртев бескрајно. Една од тие бессони ноќи под купиштата налетав на пакетот од мајка му на Диме. Го отворив, а во него куп синглови. Меѓу сите нив и албум на „Група 220“ со неколку песни на него, во жолто-портокалова обвивка со неколку музичари во некои психоделични шарени костуми, сликани покрај брегот на Јадран. На пластичната плоча во средина имаше круг/дупка и портокалова налепница на која ги пишуваше имињата на песните и рачно напишано: „Диме, мама те сака најмногу. Диме насмевката на мама. Диме, насмевката на мојот живот“ и милион мали срценца, цвеќенца, насмевки во разни бои, украсено како што украсува мајка. Каква слика е тоа, таа на смртна постела, исцедена, исушена, полна со болка, пред неа грамофонот, ја слуша песната „Осмијех“ од „Група 220“ и ја исфрла душата на плочата. До неа Диме бебе, неполн месец, тука е татко му, гледа како да ѝ ги намали болките, плаче полусвесен за сѐ околу себе. Единственото нешто во тие моменти што ја држи мајка му во некаква надеж се Диме и неговата насмевка. Затоа оттогаш го викаа Диме Насмевка. А песната е толку едноставна и зборува за една едноставна насмевка што свети. Доказот дека го сакала Диме, само не знаела како да му каже, немала време, немала шанса да ја испразни душата, единствено нешто што можела за да ја опише љубовта биле зборовите на плочата, која цело време била кај Диме, но тој никогаш не ја отворил кутијата.

Ја чував плочата долго време, во посебна фолија, издвоена, како реликвија, како некаков доказ за вистинска мајчинска љубов. Ја однесов плочата во црквата „Свети Димитрија“ во Скопје и ја оставив до иконата на Свети Димитрија, да се помолам, да го отворам патот каде што ангелите ќе ја проследат вистината до Диме.
А песната „Осмијех“ се смета за една од првите песни ставена на плоча создадена од домашен автор во поранешната земја. Ја напишал Драго Млинарец, лидерот на загрепската „Група 220“, уште во 1967 г., можеби најзначајната плоча и песна од тој период. Во таа група имаше двајцa лидери, Драго Млинарец и Војко Шаболовиќ, кои подоцна се скараа и ја напуштија групата. Многу музичари се сменија, а на крајот останаа, за тоа време, сосема непознати музичари, кои во 1975 г. го издадоа и вториот рок-психоделичен прогресивен албум „Слике“ и се распаднаа. Потоа се создадоа неколку групи што станаа камен-темелник на сѐ што се случуваше на хрватско-југословенската сцена. Во тој период „Група 220“ ја сочинуваа Хусеин Хасанефендиќ, Пико Станиќ, Јурица Паџен и Аки Рахимовски (кој веќе беше преселен во Загреб), кои ја создадоа „Парни валјак“. Јурица Паџен подоцна ги создава „Аеродром“, Пико Станиќ е прво во „Тиме“, а подоцна во „Филм“, заедно со Јура Стублиќ, а во тој период гитара таму свири eдна вистинска легенда, Џони Штулиќ. И тоа е основата од која подоцна како вулкан настанува хрватско-југословенската сцена.

Љупчо Давчев