Фото: Глигор Кондовски

РАЗГОВОР СО ДОБРИЛА ГРАШЕСКА, ВОКАЛ ВО ДОБРИЛА И ДОРИАН ДУО

Добрила Грашеска ја препознаваме како извонреден вокал во македонската група Чалгија саунд систем. Заедно со нејзиниот пријател и соработник од истата група мултиинструменталистот Доријан Јовановиќ во 2020 го основаат дуото Добрила и Дориан дуо. Во 2021 го објавуваат нивниот прв албум Апокриф, оценет како ремек-дело од жанрот „музика на светот“ од страна на регионалната и светската музичка критика.

Фото: Глигор Кондовски

Именуваниот албум на дуото им ги отвори вратите на светските музички сцени, за по него да го објават вториот албум „Пиле шарено“ во 2023 година кој веднаш се искачи на највисоките места на регионалните и светските топ листи за овој музички жанр. Овој јули, додека етно-гласот на Добрила се слева со иновативните музички решенија на Дориан и прозвучува на радиофекрефенциите во Италија, Австралија, Србија и
Шпанија, некаде меѓу нивното враќање од настапот во Франција и нивното заминување на фестивал во Чешка, го реализиравме овој разговор со Добрила Грашеска, во кој нѝ откри нејзини размисли, впечатоци од она што веќе го реализираа, но првпат во ова интервју го најави и излегувањето на третиот албум на дуото.

Во Нант, Франција имавте работилница за традиционално пеење во рамките на фестивалот „Аукс хеурес д’ете“ (Aux heures d'été) За каков фестивал станува збор и кои се импресиите од она што вие го презентиравте, каков беше интересот и каква беше интеракцијата со присутните?

– Фестивалот е токму она што го кажува неговото име: фестивал во кој се слави убавината на топлите летни часови затоа што светот секогаш е поубав во лето. Посебно квечеринките во кои може да се ужива во добра музика и пријатно време. Инаку, на овој фестивал превенствено се изведуваат музиките на светот, што значи, традиционалната музика, изворната или она што денес е модерно – фузијата меѓу традиционалното и модерното, популарно наречено world music. Токму затоа и бевме поканети како дуо да учествуваме и да имаме концерт на кој ќе се чуе од една страна македонската традиционална музика, а од друга нашито индивидуален пристап кон таа познатост, традиционалност, односно нашата музика која ја создаваме во последниве четири години. И бидејќи потекнуваме од Македонија, тоа на Французите им е исклучително егзотично, а луѓето кои се музички потковани, сакаат да ја чујат македонската музика од „прва рака“. Концертот се одржа во средновековниот замок во Нант, на една од кулите. Се изгледаше типично средновековно – големи платна како знамиња, шарени килими и огромни перници на кои публиката се смести и со внимание слушаше. Можеби затоа и беше толку посетена работилницата за традиционално пеење. Сите внимателно слушаа музика и ритам кои воопшто не им се блиски, но ако нешто те интересира и ако имаш добри учители(се смее) сѐ може да се научи. И замислете, за два часа, учесниците научија дури две македонски песни, да држат исон, го научија 7/8 такт, па и правото оро. И беа одлични.

Колкави беа можностите за дружба и средби со другите учесници на фестивалот и постојат ли можности за идни уметнички соработки и подобро вмрежување?

– Дружбите со останатите артисти зависат од организацијата на фестивалот, од редоследот, од делбата на просторот зад сцената и од многу други услови. Овој пат, за жал, немавме среќа да се дружиме со другите артисти, но имавме прилика да се дружиме со уметничкиот директор на фестивалот, со организаторите, да бидеме на интервју на Европското радио на кое ја пуштаа и нашата музика. Сето тоа има големо влијание токму во вмрежувањето, во препораките на другите фестивали итн. Но, имало фестивали на кои сме се дружеле со Рамбо Амадеус, сме делеле сцена со Горан Бреговиќ или сме се дружеле во бекстејџ со големи џез-ѕвезди, па и да соработуваме со нив. И токму таквото искуство има непроценливо значење за нас.

Фото: Глигор Кондовски

Наскоро патувате за Чешка. За каков настап станува збор?

– Патувањето во Чешка е сега, овој викенд, кога имаме концерт на фестивалот „Колор митинг“ (Colour meeting) кој се одржува во местото наречено Поличка, близу Прага. Овој фестивал е посветен како на музиката на светот, така и на експерименталната музика, така што не е ни чудно што сме поканети токму на него. Со оглед на важните артисти кои гостуваат годинава, ние сме почестени што ќе бидеме дел од него и што ќе можеме да ја претставиме нашата уметност. Дуото од основањето се занимава со истражување и експериментирање низ македонската музика со нови изразни средства, звуци и тишини.

Во кој правец моментално се движат тие нурнувања и осовременувања?

– Па, одиме понатаму, подлабоко и похрабро. Еве, вие сте првиот медиум на кој му откриваме дека веќе спремаме и трет албум, но кој работиме и во кој слушајќи го, сфаќаме дека веќе сме зафатиле во некои чудесни простори… А тоа значи, дека продолжуваме и понатаму во истата насока, но со други изразни средства и креативни решенија.

До кој степен експериментот е обновување, реактуелизација и обработка, а од кога тој станува сквернавење на македонскиот мелос?

– Мислам дека таквиот пристап најмногу зависи од вкусот, знаењето и умешноста на музичарите. Некои, сакаат да го осовременат звукот, други да додадат помпезност и бираат поинакви теми и по звучност и по приказна. Ова е начин на кој традицијата може да стане попопуларна и да се осовремени. Притоа нашиот пат не е патот на гласноста и помпезноста, туку внимателно дозирање на различни електронски звуци, лупови и експериментирања со гласот. Дали е тоа вистинскиот начин? Има време да дознаеме допрва. Но ние засега сме задоволни, а и очигледно и фестивалите на кои гостуваме.

Кога и каде се вашите следни настапи низ Македонија и низ светот и дали е на повидок некој ваш нов проект?

– Па постојат неколку веќе закажани настапи низ Македонија, а и низ Европа, така што можеме да кажеме дека сме зафатени летово. А околу новиот проект, како што кажав погоре, со радост ќе го очекуваме да го видиме како готов албум до крајот на годинава.

Ако добиете можност само со една македонска народна песна да треба да се
претставите низ цел свет, која ќе биде таа?

– И за ова прашање одговорот ќе биде дека сѐ зависи од индивидуата затоа што секој од нас има различни емоции кога изведува некоја песна. Но ако јас треба да одговорам, иако списокот е долг, а јас сум приморана да кажам, тогаш тоа би била „Три години стана“ или „Стојана мајка учеше“. Лирско, бавно и со феноменална приказна. Со еден збор: незаборавно.