На 54-то издание на фестивалот „Илинденски денови“ во Битола се случи значаен културен настан – промоција на монографијата „Македонски народни носии“ од Владимир Јаневски, со фотографии на Александар Даутовски. Истовремено во Офицерскиот дом е поставена изложбата „Македонски народни носии – делови од горни облеки“. На промоцијата пред многубројната публика настапи и универзитетскиот ансамбл „Македонија“ од Одделот за етнокореологија при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип. Монографијата опфаќа повеќе од три децении посветено истражување и теренска работа во доменот на материјалната култура, особено фокусирајќи се на традиционалната македонска облека. Длабокиот ангажман на авторот со оваа тема се рефлектира во неговата прецизна документација и анализа на носиите на етничките региони, собрани не само како физички артефакти туку и збогатени со усните сведоштва на современите сведоци.
Различните културн и пејзажи на Македонија
Оваа монографија не е само каталог на облека, таа претставува длабоко истражување на традиционалната облека, прикажувајќи комплетни носии и специфични предмети користени од крајот на 19 до почетокот на 20 век. Делото вклучува облека и од христијанската и од муслиманската македонска заедница, што ги истакнува различните културни пејзажи на етничка Македонија. Секое парче е претставено со локална терминологија и детали за неговите оригинални сопственици, додавајќи слоеви на контекст и автентичност. Јаневски нагласува дека неговиот научен труд произлегува од повеќедецениска работа, посета на селата и разговори со луѓе, многу повозрасни, некои родени во почетокот на 20 век.
– Денес такви соговорници не постојат – нагласува Јаневски.
Костимите, вратени во првобитниот сјај, се методолошки уредени, со фокус и на целосната облека и на поединечните компоненти, придружени со детални описи. Овој пристап не само што го зачувува естетскиот интегритет на овие културни артефакти туку обезбедува и богат, едукативен ресурс за етнографи, етнолози, фолклористи и лингвисти заинтересирани за традиционалната култура. Македонските народни носии се еден вид историја во мало, не само на македонската култура туку и на македонскиот народ и неговите типични идентитетски исконски карактеристики. Јаневски во својот труд многу јасно ги образложува особеностите на македонската народна носија, како нешто специфично за Македонија и единствени по својот карактер и функција.
Според академик Катица Ќулавкова, станува збор за исклучително значајно дело за македонската култура.
– Народните носии преку нивниот дизајн, везови и други особености во минатото, на некој начин ги засенуваат зборовите. Станува збор за повеќевековно искуство, култура и уметност на облекување. Но преку облекувањето е трансферирана целата творечка енергија на македонскиот народ и неговата култура на живеење, соопштување на неговата приказна – нагласува Ќулавкова.
Карактеристики на македонската народна носија
Македонската народна носија настанала во еден поголем временски период, а повеќемина автори што ги следеле појавите на културата на облекување посочиле дека македонската народна носија содржи корени од најстарите култури, поврзувајќи ги со идолите на старите религии. Податоци за културата на облекување во средниот век имаме во фрескоживописот на црковните храмови, како што се изворите во црквата во селото Псача и црквите во Охрид. Во формирањето на македонската носија влијание се препознава и од Ориентот, кој бил донесен во посредство на османлиските Турци. Со вакви културни напластувања таа станала двигател и репер на носија од највисок ранг во светски размери. Во времето кога сѐ уште била жива традицијата на носење традиционална облека, во Македонија имало околу 70 различни типа женски носии, кои меѓусебно се преплетувале и надоврзувале во своите културни карактеристики. Машката носија била многу поедноставна и имала поунифицирана физиономија. Специфика за македонските носии се нејзината типологизација и функција, а особено нејзиниот редослед на облековните елементи, тоа всушност ја прави македонската носија посебна.
Според Јаневски, во средината на 20 век македонските носии претрпеле раслојувања на облековните елементи. Со навлегување на европската мода и индустријализацијата, нормално првенствено се изгубиле масивните везови, големиот колорит и богатиот накит, а со тоа постепено ја губеле својата функција. Јаневски исто така посочува дека денес во неколку етнички предели во Македонија сѐ уште се сретнуваат жени што ја носат својата носија, во редуцирана форма, но тие се и последни доследни чувари на македонската традиција.
Тони Гламчевски