ДРЖАВНА ИЗЛОЖБА НА ДЕТСКИ ЛИКОВНИ ТВОРБИ

Фолклорните ноти ја разиграа насобраната група ученици и гости од различни училишта во државата што нетрпеливо очекуваа да започне церемонијата за прогласување на наградените од 50-та државна изложба на детски ликовни творби на темата „Народната култура како трајна инспирација во моето творештво“ пред фоајето на Центарот за култура во Битола. Народната култура е обележје на секој народ. Секоја генерација остава дел од својата креативност во богатото културно наследство. Детската фантазија, детската креативност инспирирана од народната култура создава нови визии, нови светови, нов поглед на традиционалните вредности, пишува организаторот во каталогот на изложбата. Оваа 2025 година останува забележана како јубилејна година, затоа што првпат државната изложба на детски творби беше поставена во 1975 година.
– Изложбата, која е најстара од овој вид во Македонија, преку својот континуитет покажува дека дефинираната тема поседува универзални и уникатни вредности, кои со текот на времето добиваат нова свежина и потенцијал. Посветеноста кон воспоставувањето инспиративно-креативна врска меѓу народната култура и децата низ децениите се покажа како многу успешна и плодотворна – вели директорот на Центарот за култура, Влатко Илиевски.
Годинава до организаторот НУ Центар за култура – Битола – Илинденски денови, пристигнале околу 2.000 творби, од нив стручната жири-комисија избрала и селектирала 577 творби од 50 колекции. Од нив 29 поединечни творби се наградени, доделени се осум награди за најдобра колекција: ООУ „Никола Карев“ – Крушево – Емил Солески, „Св.Кирил и Методиј“ – Кочани – Марија Мицова Гацова, „Гоце Делчев“ – Битола – Кристина Стојанова, „Гоце Делчев“ – Неготино – Ѓурѓица Андонова, „Димче А. Габерот“ – Демир Капија – Валентин Вучиниќ, „Елпида Караманди“ – Битола – Славица Марковска, „Коста Рацин“ – Брвеница – Лина Тренкоска и „Браќа Миладиновци“ – Добрушево – Кирил Константин, општина Могила. Доделени се и две специјални награди за четири пати по ред освоени награди за најдобра колекција на ООУ „Гоце Делчев“ од Кавадарци од ликовниот педагог Ристо Јосифовски и ООУ „Браќа Миладиновци“ од ликовниот педагог Марина Ц. Мартиновска од Куманово.
Наградите ги додели Габриела Илиевска, претседателка на Советот на Општина Битола. Илиевска не само што ги поздрави присутните и им ги додели наградите туку и сподели меморија од своите ученички денови – дека претседателот на жири-комисијата Панде Петровски ѝ бил наставник по ликовно, што за Габриела Илиевска претставува показ за енергијата што се внесува и етиката што се практикува во секој од чекорите за селекција, оценување, наградување.
Панде Петровски од своја страна нагласи дека во овие пет децении согледал со колкава љубов работат учениците и нивните наставници.
Насловот, темата на изложбата посочува кон традицијата на територијата, етносот на кој учениците припаѓаат, корените од кои извираат.
– Половина век изворите од минатото со своите бистри и чисти уметнички бранови ја галат детската имагинација, која создава творби што нѐ носат кон идните патеки од творештвото. Илјадници деца, ликовни педагози, организатори и реализатори го создадоа и го одржуваат континуираниот тек на развојот и исполнувањето на мисијата и целите на изложбата. Јубилејната изложба ни носи нов поглед и нова инспирација преточени во прекрасен мозаик од твори изработени во разновидни ликовни техники – вели м-р Валентин Соклевски, организатор на изложбата.
Изложбата е поставена во фоајето на Центарот за култура.

Тони Гламчевски