Фото: Пиксабеј

Неверојатна адаптација на лавовите

На брегот на Атлантски Океан, среде суровиот пејзаж на Скелетон Коуст во Намибија, сцената изгледа речиси нереално: лавица стои на песочната плажа додека брановите упорно удираат по карпите. Зад неа лежи пленот – мртва птица. Фотографката Гриет ван Малдерен од Белгија помина денови чекајќи го овој момент, свесна дека станува сведок на нешто што никогаш порано не се случило. Нејзината фотографија на лавицата Гама стана едно од најзабележливите дела на натпреварот „Вајлдлајф фотографер оф д јиар“ организиран од лондонскиот Музеј на природна историја.

Од пустината до морето

– Лавицата го чуваше пленот цел ден. Беше фасцинантно да се набљудува колку се промени нејзиното однесувањето – рече Ван Малдерен, која веќе со години го документира животот на пустинските лавови.
Во Намибија денес живеат околу 80 пустински лава, но само 12 единки се преселиле покрај крајбрежјето на Атлантски Океан. Овие лавови, некогаш жители на пустинските пространства, од 2017 година се приспособија на новиот начин на живот – станаа првите познати морски лавови во светот.
Лавицата Гама ѝ припаѓа на првата генерација лавови израснати покрај океанот. Белгиската фотографка ја запозна лавицата кога таа беше тримесечно младенче. Денес, со своите три и пол години, Гама стана исклучително вешт ловец, способна да улови до 40 птици за една ноќ.
– Оваа фотографија има историско значење бидејќи ја прикажува Гама на нејзиниот прв самостоен ден на плажата – вели биологот и истражувач Филип Стандер, кој им го посвети својот живот на пустинските лавови уште од 1980 година.
По триесет години, Стандер потсетува дека лавовите претходно живееле покрај Скелетон Коуст, но во 1980-тите години судирите со земјоделците и долготрајните суши ги натерале да се повлечат подлабоко во пустината.
По повеќе од три децении, лавовите сами се вратиле на крајбрежјето.
– Тие се доказ за неверојатна издржливост. Се приспособиле за живот во најнепристапното опкружување што можете да го замислите – меѓу бескрајни дини без трева и вода – вели Стандер.

Ловци без вода

Пустинските лавови имаат најголема територија од сите лавови – околу 12.000 квадратни километри, додека нивните роднини во Серенгети зафаќаат само околу 100. Во мали групи поминуваат огромни растојанија, а добиваат вода исклучиво од месото што го јадат. Промената во исхраната се случила во 2015 година, откако сушата речиси го уништила нивниот вообичаен копнен плен, како што се ноевите.
Лавовите тогаш повторно го откриле океанот и почнале да ловат морски лавови, корморани и фламинга. Според истражувањата на Стандер, 86 проценти од храната на три млади лавици во текот на период од 18 месеци ја сочинувале морски животни.
– Морските лавови беа благослов. Климатските промени ги доведоа до работ на опстанокот, а токму океанот ги спаси – објаснува Ван Малдерен.
Во март 2025 година, покрај крајбрежјето се родиле и две нови лавчиња, што научниците го сметаат за клучен доказ дека оваа единствена популација успешно се приспособила. За да се спречат конфликти со луѓето што живеат во крајбрежните области, воведени се посебни заштитни мерки – чуварите користат пиротехника за да ги одвратат лавовите од населбите, а системот на виртуелни огради испраќа предупредувања кога лавовите ја преминуваат границата. Целта е да се заштитат и животните и локалното население.
Ван Малдерен верува дека фотографијата има пресудна улога во зачувувањето на видот.
– Моите фотографии ги прикажуваат и убавината и кршливоста на овие животни. Нивната издржливост е лекција за сите нас – да се соочиме со промените, да се приспособиме и да дејствуваме пред да биде предоцна – вели Стандер.
Оваа приказна покажува дека природата има неверојатна способност за закрепнување и обнова, само ако ѝ дадеме шанса.