Константин Плевнеш, специјално за Нова Македонија од Париз
Касим Рајан (1972-2024), кој почина на 12 oктомври во бруклинската населба Браунсвил, беше повеќе од уникатна фигура во aмериканскиот и светскиот рап. Неговата поетика беше заснована на антикомерцијалната визија на оваа уметност, на ова културно движење кое ги рушеше догмите на вештачката љубов исполнета со егоизмот и потрошувачката индустрија која владее во светот. Сепак, и покрај сé, тој остана верен на неговата осаменост. Филозофијата на неговата музика беше една интимна револуција олицетворена со неговиот прв албум „Железни Творби“ (Iron works) во 2008, како истоимениот лејбел на кој сам сé пишува, продуцира, снима, произведува, и дистрибуира до крајот на неговиот живот. Незаборавна е неговата соработка со GZA од Wu-Tang Clan, на „Про Тулз“ во истата година со неговиот најверен пријател и уметник Рок Марсијано.
Не треба да заборавиме никогаш дека Касим Рајан беше единствен случај на рап-уметник кој работи како пожарникар од 1999, и дека не е роб на комерцијалниот терор кој произведува монструозни состојби во многу примери во светскиот рап и светската култура во кои ја продаваат нивната душата на дијаболизацијата која владее во новиот светски поредок. Засегогаш ќе биде запаметено дека токму Касим беше меѓу првите пожарникари кои ги спасуваа жртвите на атентатите од 11 септември 2001. Тој беше како пророк на светскиот подземен рап, самиот се нарекуваше „Тивкиот мудрец на подземниот рап“.
Во неговиот поетски опус, формите на насилство, секс и дроги, никогаш не се спомнати ни глорифицирани, бидејки тој беше визионер на бескрајната љубов. Затоа и беше пионер на продукција на инструментални рап творби без ударна секција, на која инструментите и гласот создаваат една алхемија на постмодерната вокација на рапот како моќно оружје на духовната сила, а не на суровата и безочна моќ на светскиот пазар кој во милионски тиражи го создава денешниот свет во кој што живееме, за ѓаволот рај, а за ангелот пекол.
Во неговиот последен албум „Разбојникот покрај Исус“, можеме да го откриеме неговиот тестамент за „Убавината“ со истоимената песна (Beautiful), повторно без ударна секција, и со тој тивок глас кој допира до нашите срца, претворајќи го Ка во вечна икона на современиот поет, кој што и денес ја продолжува неговата борба против комерцијалното зло и неговите жртви по цела планета. Има една македонска гледна точка поврзана со Касим Рајан, бидејќи околу годината 2000-та, преку песната „Стани ми Синко“ од митскиот глас на Никола Бадев, заедно со мојот брат Илија Плевнеш, токму во парискиот дом создадовме песна врз основа на моја продукција со семплување на стихот „Стани ми Синко“ од стара плоча, во ритам но без ударна секција, на која Илија имаше текст на Македонски кој почнуваше вака: „Стани Синко, Синко Стани, Не јадат од сите страни“.