Поминуваат 400.000 км без поголеми дефекти
Мислењето дека денешните автомобили се полоши од оние од пред неколку децении е побиено со истражување, кое покажа дека некои модерни модели се способни да поминат солидна километража без поголеми проблеми. Американската онлајн платформа за продажба на половни автомобили „Ајсикарс“ неодамна спроведе нова студија за најдолготрајните или најиздржливите автомобили на пазарот за 2024 година.
Дефиницијата за издржлив автомобил е 402.000 км
Ова е 11-та година по ред откога се спроведува вакво истражување, при што е откриено дека модерните автомобили траат сѐ подолго. Затоа, дефиницијата за долгорочен издржлив автомобил е променета од поминати 200.000 милји (322.000 километри) на 250.000 милји (402.000 километри) без поголеми дефекти.
Според оваа дефиниција, просечниот автомобил има 8,6 отсто шанси да помине 250.000 милји. Истражувањата покажаа дека моторите на одредени производители можат да одат толку далеку без проблеми, со редовно одржување, додека голем број возачи веруваат дека животот на автомобилот завршува на околу 160.000 километри (100.000 милји). Тогаш почнуваат поголемите инвестиции во поправка на возилата.
Некои модели на одредени брендови успеваат да поминат 200.000 милји (321.000 километри). И покрај тоа што извештајот се однесува на 30-те најиздржливи модели на американскиот пазар, од кои некои не се присутни во Европа, се зборува и за квалитетот на марките на автомобили чии возила се продаваат на други пазари во светот.
Анализата на веб-страницата опфати дури 402 милиони возила. Авторите на истражувањето го пресметале просечниот број на поминати километри, земајќи ја предвид староста на возилото, и врз основа на тоа развиле модел за процена на веројатноста за постигнување одредена километража, пренесува „Форбс“.
Прва на листата на производители е „Тојота“
Прва на листата на производители чии возила имаат дури 17 отсто шанси да поминат 400.000 километри без поголеми проблеми е „Тојота“. На второ место е „Хонда“ со 13,6 отсто, додека РАМ (филијала за производство на пикап-камиони, денес во сопственост на групацијата „Стелантис“) го зазеде третото место со 11,5 отсто. Следуваат ЏМЦ (со 11,4), „Шевролет“ (10,5), „Лексус“ (9,7) и „Форд“ (со 9,5).
Возилата на двата јапонски бренда „Тојота“ и „Хонда“ по квалитетот се издвојуваат во сите три анализирани категории: патнички автомобили, теренци и пикапи.
Севкупно, најиздржливиот модел е „тојота тундра“, кој според оваа студија има дури 36,6 проценти шанси да надмине 400.000 километри. Следните четири позиции на листата ги држат модели од истиот јапонски производител: „тојота секуола“ – со четири пати поголема веројатност да се постигне иста километража во споредба со просечната. Трипати поголема е веројатноста да се појави кај следните модели: „тојота такома“, „тојота ранер“, „тојота хајлендер хибрид“ и „хонда риџлајн“.
Од 30-те анализирани возила – дури 16 се СУВ модели. Зад нив стојат пикапи, вкупно осум. Преостанатите шест позиции се окупирани од четири седани („хонда акорд“, „хонда акорд хибрид“, „тојота авалон“, „тојота камри“), еден компактен хечбек („тојота приус“) и еден миниван („хонда од“).