„Мет гала“, најгламурозната вечер во која се вперени погледите на целиот свет, секоја година е само врвот на ледениот брег, ексклузивна вечер за елитата. Станува збор за хуманитарен настан со кој се собираат пари (поточно, многу пари) за работата и активностите на еден оддел од познатиот њујоршки музеј „Метрополитен“ – Институтот за костими. И токму овој институт, на чело со кураторот Ендрју Болтон, организира изложби што редовно уриваат рекорди на посетители.
Раскошот на модата во „Метрополитен“
Раскошот на модата во „Метрополитен“ започна многу одамна, во 1983 година, кога „Мет“ (како што се нарекува музејот денес) ја организираше прекрасната изложба на Ив Сен Лоран, првата изложба од таков калибар, посветена на славниот моден дизајнер. Тогаш музејот сфатил дека овој тип модна презентација е начин да се привлечат стотици илјади луѓе во музејот. Најпосетената изложба била во 2011 година, посветена на големиот Александар Меквин, по што следуваше шокантното самоубиство на тогашниот четириесетгодишен творец, па изложбата беше посетена од повеќе од 480.000 луѓе. Интересот беше таков што во одредени периоди „Мет“ беше отворен нонстоп, 24 часа на ден.
Последниве години се одржа изложбата „Во Америка: Антологија на модата“, која се занимава со теми како што се инклузивноста, еволуцијата на американската мода и придонесот на значајните имиња во историјата на американската мода. Оваа поставка следуваше по изложбата „Во Америка: Лексикон на модата“. А како всушност изгледала подготовката на оваа изложба е опишано во документарниот филм „Првиот понеделник во мај“, во кој режисерот Ендрју Роси ги следи деветмесечните подготовки за изложбата во 2015 година, насловена „Кина: низ огледалото“. Во тоа време, на изложбата беа претставени 150 парчиња облека од 40 различни дизајнери, а сензацијата ја предизвика оригиналната униформа на Мао Ѕедунг, која Кина му ја позајми на „Мет“, откако владините претставници беа убедени дека изложбата ќе ги велича нивната традиција и придонесот во светот.
Парите што се собираат од изложбите се уплаќаат на сметката на самофинансираниот Институт за костими за негово функционирање и за поставување годишни блокбастерски изложби.
Денес колекцијата се состои од над 35.000 костими
Денес колекцијата на Институтот за костими „Метрополитен“ се состои од над 35.000 костими и додатоци. Претходно, Институтот за костими имаше постојан галериски простор во „подрумскиот“ дел на музејот. Меѓутоа, поради кревката природа на предметите во колекцијата, институтот сега нема постојана поставка, туку секоја година се одржуваат две посебни изложби во музејските галерии. Се изложуваат костими од колекцијата, кои се фокусираат на одредена тема или дизајнер.
Инаку, најголемиот американски музеј, „Метрополитен“ во Њујорк, има три локации во градот и постојано урива рекордни бројки на посетители, дури до седум милиони посети. Рекордот во 2017 година се должи токму на една изложба во Одделот за костими, како и на поставките „Божествени тела“ и „Микеланџело – божествениот сликар и дизајнер“. Инспиративно е тоа што њујорчани и посетителите од целиот свет одат да ги погледнат овие изложби, како и постојаните поставки и разните програми што ги организираат, и тоа е прекрасен показател на почит кон светската уметност.