На 11 март, денот на раѓањето на мајката на сите македонски писателки, Оливера Николова, издавачката куќа „Арс ламина“ ја востанови наградата „Оливера Николова“ за најдобар необјавен роман за деца и млади. На настанот зборуваа: Бранка Бугариска (директорка на издаваштво во „Арс ламина“) и членовите на жирито за наградата „Оливера Николова“ за 2025 година: Оливера Ќорвезироска (уредничка и писателка), Весна Мојсова-Чепишевска (универзитетска професорка) и Јагода Михајловска-Георгиева (писателка).
Романот за деца и млади има клучна улога
Бугариска истакна дека овој датум не е случајно одбран – тој е роденденот на нашата голема писателка, а годинава е и првиот без нејзиното физичко присуство меѓу нас. Но нејзините дела, нејзините приказни и нејзината посветеност на литературата за најмладите остануваат бесмртни.
– Со оваа награда сакаме да ја зачуваме и да ја продолжиме големата книжевна традиција што ја остави Оливера Николова (1936-2024). Нејзиниот придонес во македонската литература, а особено во романот за деца и млади, е немерлив. Со своите дела таа внесе автентичност, емоционална длабочина и хуманост, кои и денес инспирираат генерации читатели. Нашата мисија е да го поддржиме овој книжевен жанр, да му дадеме нова сила и да поттикнеме автори што ќе ја продолжат оваа значајна традиција. Романот за деца и млади има клучна улога во обликувањето на карактерот, во развојот на емпатијата, во отворањето нови светови за најмладите. Во време кога книжевноста за деца е притеснета меѓу сликовниците и литературата за возрасни, нашата цел е да го ревитализираме овој жанр, да му дадеме простор да расцутува и да стане повторно значаен дел од современата македонска книжевна сцена… Во чест на Оливера Николова, во чест на идните генерации читатели, ги покануваме сите автори да учествуваат и да бидат дел од ова книжевно наследство, кое продолжува да живее – рече Бугариска.
Мисијата на наградата е двојна
Мисијата на наградата е двојна: да се одржи континуитет на големото авторско име на Оливера Николова со симболично творечко надоврзување на нејзината бележита трага во современата македонска книжевност, како и да се ревитализира еден од жанровите во кои создаваше Николова – романот за деца и млади.
– Нашиот нововостановен конкурс „Оливера Николова“ е за необјавен роман за деца и млади, така што победникот ќе може да си го продолжи патот на рецепцијата, но и на учество во другите награди во земјава, со што се збогатуваат можностите за што поширока афирмација. Тој не загрозува, ниту се натпреварува со ниту една постојна награда, напротив, придонесува за богатството и квалитетот на македонскиот книжевен живот… Се надевам дека со востановувањето на оваа награда за необјавен роман за деца и млади што го носи нејзиното име барем малку ќе ѝ се оддолжиме на Оливера Николова за сето тоа што таа го направи за нас и за современата македонска книжевност – рече Оливера Ќорвезироска, уредничка во „Арс ламина“ и член на жирито.
Професорката на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, Весна Мојсова-Чепишевска, рече дека е време авторите да покажат колку се навистина добри творци, ставајќи го својот пишувачки порив пред предизвик – да напишат роман за деца или роман за млади и да се борат за наградата „Оливера Николова“.
– Оваа идеја да се воведе награда „Оливера Николова“ ќе направи еден сериозен книжевен простор во кој ќе излезат на мегдан и авторите и нивните нови приказни. Времето ќе ги исфилтрира, ќе ги исцентрифугира преку тоа каков прием навистина тие ќе имаат кај самите деца читатели. И ќе бидам среќна кога по само неколку години, а особено за десет години, полицата со најнови книги за деца и млади ќе биде не само преполна со книги туку и полна со добри книги – рече Мојсова-Чепишевска.
Наградата „Оливера Николова“ ќе се доделува секоја година на 11 март, а првиот конкурс се отвора денеска и ќе трае до 11 јуни 2025 година.