Националната установа „Музички ансамбл“ од Тетово, со преполна сала за двете изведби на симфониската бајка „Петар и волкот“, на македонски и албански јазик, го реализира вториот проект од годишната програма поддржана од Министерството за култура и туризам. Над илјада деца во Центарот за култура уживаа во маестралното дело на Сергеј Прокофјев, оркестрирано и диригирано од палката на Ангел Спировски и Агона Чупи, со нарација на Рахим Рамадани, во изведба на камерниот оркестар, што предизвика позитивни реакции и овации од најмладата публика.
Задоволството од успешната изведба на двете претстави и реализацијата на проектот го истакна в.д. директорот на НУ „Музички ансамбл“–Тетово, Ардиан Исмаили, посочувајќи дека на децата од Тетово им се потребни повеќе вакви настани што им овозможуваат средба со нов свет, кој допрва треба да го откријат.
– Децата беа воодушевени и среќни. Преку вакви едукативни претстави не само што ја негуваме најмладата публика туку влијаеме на нејзиниот развој и на нејзиниот вкус за уметноста. Тоа е мотив плус да ги повторуваме ваквите настани и затоа работиме да има што повеќе такви во нашиот град – посочи Исмаили.
Следен настан на репертоарот на „Музичкиот ансамбл“ е „Концертот на млади таленти“, а до крајот на годинава преостануваат уште проектите: „Концерт за ноемвриските празници“ и,,Концерт на популарна музика“.