Концертот беше распродаден еден месец однапред – Народниот театар во Сараево беше претесен за многубројната публика и, според написите што осамнаа во сараевските медиуми, настапот ќе се памети долго, а ова фестивалско издание не можеше да има подобра увертира
Богатите аранжмани, врвната музичка изведба и хуморот на Рамбо, со долгите овации од публиката, го направија годинашното издание на „Сараево џез-фестивал“ врвно доживување со кое на најдобар начин започна годинашното музичко патување на „Сараево џез-фестивалот“, пишуваат сараевските медиуми по концертот на Националниот џез-оркестар и Рамбо Амадеус, кој се одржа на 6 ноември во Народниот театар во Сараево.
Концертот беше распродаден еден месец однапред – Народниот театар во Сараево беше претесен за многубројната публика и, според написите што осамнаа во сараевските медиуми, настапот ќе се памети долго, а ова фестивалско издание не можеше да има подобра увертира.
Во изведбата на 18-те члена на оркестарот се најде добропознатиот репертоар на Рамбо, во аранжмани за „Биг бенд“. Посебно изненадување за публиката беше гостувањето сараевската оперска првенка Аида Чорбаџиќ на песната „Е, мој Рамбо“,
– „Халид инвалид Хари“, „Балкан бој“,, „Цар“ и многу други хитови звучеа совршено во новите аранжмани, а Рамбо беше испратен со овации и аплаузи – пишува порталот „Депо“ од Сараево.
Националниот џез-оркестар беше предводен од маестро Џијан Емин, а настапија трубачите Трајче Велков, Сенад Усеин и Јордан Колески, саксофонистите Кирил Кузманов, Борислав Веселинов, Славко Ѓорѓиев, Валентин Видовиќ, Иван Трајаноски, тромбонистите Сашко Николовски, Филип Богоевски, Енис Мехмедов, Никола Ристевски, гитаристот Зоран Костадиновски, бас-гитаристот Дарко Мучев, пијанистот Гордан Спасовски, на удиралки Виктор Филиповски и тапанарот Гоце Стевковски.
Сараевскиот интернационален џез-фестивал постои од 1997 година, во 2019 година доби европска награда за извонредна програма. На годинашното издание на сцената настапија повеќе од 60 музичари со 11 концерти, еминентни имиња на европската, американската и светската џез-сцена.