Почетокот на новата концертна сезона на Националниот џез-оркестар го означува концертот насловен „Џез-лектира: Quintessence by Quincy Jones!“. Концертот ќе се одржи на 24 јануари, со почеток во 20 часот, во просториите на Македонската филхармонија, а во центарот на вниманието ќе биде огромниот и влијателен биг-бенд опус на музичкиот гениј Квинси Џонс. Од неговите почетоци во 1959 година, па сè до неговиот подоцнежен период како аранжер и продуцент, концертот ќе понуди уникатна можност за слушање ексклузивни неиздадени аранжмани, како и композиции што го оформиле неговото култно музичко наследство.
Како солисти на овој концерт ќе настапат истакнати имиња од македонската музичка сцена: Калина Велковска, Светлана Јовановска, Ана Петановска, Дејан Бобиќ-Дексо, Сашо Гигов-Гиш и Џон Илија Апелгрен, а диригент на концертот ќе биде маестро Владимир Николов.
За плакатот е искористена графиката „Шарен џезер“ на академскиот сликар Сергеј Андреевски од циклусот „Џезери“, прва во низата дела што ќе бидат употребени за плакатите во текот на оваа година.
Квинси Џонс е легендарна фигура од музичката индустрија, композитор, аранжер, диригент, инструменталист, водач на бендови и продуцент со огромно влијание врз американската култура повеќе од 70 години, кој има работено со врвни уметници од секоја ера на популарната музика, од бибоп до хипхоп. Добитник на безброј признанија, вклучувајќи и вкупно 80 номинации за „греми“, рекорд на сите времиња, од кои освоени 28. Џонс има продуцирано три од најуспешните албуми на Мајкл Џексон: „Off the Wall“ (1979), „Thriller“ (1982) и „Bad“ (1987). Во 1985 година, Џонс ја продуцира и диригира хуманитарната песна „We Are the World“, наменета за собирање средства за жртвите од глад во Етиопија. Има компонирано музика за голем број филмови. Сепак, Квинси Џонс станува популарен како џез-аранжер и диригент уште претходно, давајќи значаен придонес во светот на биг-бенд џезот, особено во доцните 1950-ти и раните 1960-ти години. Неговите албуми ја истакнуваат способноста на Квинси Џонс да спојува различни музички стилови и се одраз на неговиот иновативен пристап кон биг-бенд музиката. Неговата работа во овој жанр помага да се одржи биг-бенд џезот како релевантен и возбудлив во време кога други музички стилови добиваат популарност. Квинси како џез-аранжер, композитор и диригент станува популарен уште претходно, а неговите албуми ја истакнуваат способноста да спојува различни музички стилови и се одраз на неговиот иновативен пристап кон биг-бенд музиката. Соработува со низа истакнати биг-бендови – неговиот сопствен биг-бенд основан во доцните 50-ти, биг-бендот на Лајонел Хемптон, Каунт Бејси, Дизи Гилеспи.
Овој сестран музички магнат почина на крајот на минатата година.