Струјата во Атлантски Океан што ја дистрибуира топлината низ светот наеднаш се гаси, поради што Европа би можела да остане окована во мраз, открија научниците. Температурите во Северозападна Европа би се намалиле од 5 до 15 Целзиусови степени во текот на неколку децении, мразот на Арктикот би се проширил на југ, додека јужната хемисфера на Земјата би се загреала уште повеќе.
Глобалните обрасци на врнежи би се промениле и би нарушиле дел од Амазон, според студијата, која неодамна беше објавена во списанието „Сајенс адвансис“.
Климатските промени го зголемуваат и топењето на мразот
Студијата ги отфрли тврдењата на меѓувладиниот панел на ОН за климатски промени дека колапсот на Голфската струја нема да се случи пред 2100 година, бидејќи водечкиот автор Рене ван Вестен, климатски научник и океанограф на Универзитетот во Утрехт, Холандија, вели дека тоа би можело да се случи порано, но дека не може да прецизира кога.
Голфската струја е топла брза морска струја во Атлантикот, која носи топла вода од екваторот кон север и влијае на климата во Западна и Северна Европа. Голфската струја е дел од глобалната термохалинска циркулација, која е поттикната од разликите во температурата и соленоста (количеството на сол) на водата во различни делови на океанот. Голфската струја се лади на два начина: со губење на топлината во атмосферата и со мешање со поладна вода. Кога Голфската струја ќе стигне до Северен Атлантик, наидува на постуден воздух и ветер, кои му ја одземаат топлината. Таа се среќава и со други струи, како што се Лабрадорската и Ирмингеровата струја, кои ѝ носат постудена и посвежа вода. Овие струи влијаат на густината и брзината на Голфската струја и ја прават помалку стабилна.
Ладењето на Голфската струја е важен процес за одржување на рамнотежата на климата и животот во океанот. Сега, меѓутоа, постојат докази дека Голфската струја во последните децении помалку забавува и се лади, поради климатските промени предизвикани од човекот. Климатските промени ги зголемуваат температурата и соленоста на водата во тропскиот Атлантик, што ја намалува разликата во густината помеѓу топла и ладна вода.
Климатските промени го зголемуваат и топењето на мразот на Гренланд и на Арктикот, што го зголемува протокот на свежа вода во Северен Атлантик, што исто така ја намалува разликата во густината. Овие фактори ги попречуваат нормалното ладење и тонењето на Голфската струја и може да предизвикаат нејзино слабеење или дури и запирање.
Движењето на Голфската струја е под влијание на Гренланд
Користејќи модели и податоци од минатото, холандскиот тим научници го симулирале текот на Голфската струја во текот на 2.200 години и откриле дека по 1.750 години „нагло се урива“.
– Движењето на Голфската струја е под влијание на Гренланд, каде што како што планетата се затоплува, мразот се топи и сè поголемо количество на свежа вода тече во неа и го разредува нивото на сол, што предизвикува нејзино исклучување – објасни Ван Вестен.
Слабеењето или запирањето на Голфската струја би имало сериозни последици за климата, морето и живиот свет. Тоа би довело до ладење и промена на временските шеми во Европа, зголемување на нивото на морето и поплави на источниот брег на САД.