фото: Архива - група „Меморија“

Легендарната македонска поп-рок група „Меморија“ по големиот концертен спектакл во арената „Борис Трајковски“ минатата година, на својата бројна публика ѝ подготвува ново концертно изненадување. Само што овојпат ќе се соберат речиси сите членови од досегашни состави на бендот на едно место, кои ќе ротираат во изведбата на безвременските хитови и евергрин-балади на групата.

На овој оригинален начин, со концертен времеплов „Меморија“ ќе го затвори кругот и тоа на местото каде што сѐ започна – МКЦ во Скопје.

Имено, групата во една снежна декемвриска ноќ пред повеќе од 40 години го имаше својот прв концертен настап токму на сцената на познатата „Дансинг сала“ на тогашниот „Дом на млади – 25 Мај“.

На 25-ти декември на истото место музичката историја на „Меморија“ ќе се повтори. На сцената ќе се појават 24 музичари од сите фази на бендот, кои ќе ротираат на бината таму каде што сѐ започна и тоа во различни состави. Нема да се појават само оние кои, за жал, повеќе не се меѓу нас, како првиот пејач на групата Зоран Илиќ или оние што не можат од оправдани и лични причини да бидат таа вечер дел од концертниот времеплов на „Меморија“.

фото: Архива – група „Меморија“

Така, на сцената на МКЦ на концертот би требало да ги видиме: Петар Георгиевски-Камиказа (бас), тапанарите Антонио Димитриевски, Сашо Ангелов, Дино Милосављевиќ и Мите Димовски, клавијатуристите Дејан Миновски, Нино Бошњаковски, Зоран Радоњанин, Дејан Кузмановски, Александар Чекреџи, Валентино Скендеровски, Александар Хаџипаунов, Давор Јордановски, гитаристите Ристо Ставрев, Дуле Трпковски-Ринго, Ристо Ицо Јовковски, Александар Стефановски-Јаблан, Игор Атанасовски-Гуру Харе, Пеце Димовски, Димитар Мичо Божиков, Рубин Дикоски, како и пејачите Александар Стефановски-Јаблан, Драган Василевски, Апостол Поце Икономов и Ристо Самарџиев.

Некои од нив се очекува да допатуваат од Хрватска, Франција, па дури и од Мексико, каде што последниве децении живеат и работат. Преку видео и фото-спомени ќе се потсетиме и на ликот и гласот на првиот пејач на „Меморија“, прерано починатиот Зоран Илиќ – Зоци.

фото: Архива – група „Меморија“

Покрај познатите хитови и балади, ќе бидат ексклузивно изведени и некои од првите песни на групата, а и некои од подзаборавените теми од најраниот период и самите почетоци на постоењето на „Меморија“ од почетокот на 1980-те години на минатиот век како: „Моја ли си“, „Лето и ти“, „Жорж„, „Град“, „Утра“…!

Во рамките на овој предновогодишен концертен пакет се предвидени уште неколку изненадувања.

М.Т.