Лековитите својства на музиката
Музиката е многу повеќе од звуците што ги слушаме – таа е универзален јазик што ги допира нашите емоции, евоцира спомени и ги зајакнува човечките врски. Музиката, сепак, има и исцелителна моќ. Современите истражувања сè повеќе укажуваат дека музиката не е само средство за релаксација и уживање туку и моќна терапевтска алатка. Од влијание врз мозокот и нервниот систем до регулирање на хормоните и промовирање здрави емоции, музиката може да игра важна улога во лекувањето голем број физички и психолошки состојби. Дополнително, нејзината способност да го намали нивото на стрес, да го подигне расположението и да помогне во ублажување на болката ја прави вреден сојузник во модерната медицина.
Приспивни песни можат да ги смират предвремено родените бебиња
Сѐ повеќе истражувања покажуваат дека музиката има и терапевтска вредност, која може да се примени во различни области од здравствената заштита. Музиката како терапија за болести се заснова на идејата дека таа може да ги стимулира мозокот и нервниот систем, активирајќи различни области одговорни за говорот, движењето, меморијата, емоциите и имунитетот.
Музиката може да влијае и на хормоналниот и кардиоваскуларниот систем, регулирајќи ги нивоата на кортизол, серотонин, допамин, окситоцин и ендорфин, кои се поврзани со стрес, депресија, анксиозност, задоволство, љубов и болка. Музиката може да им помогне на пациентите да се релаксираат и да ги ослободат негативните мисли и чувства.
Повеќе од две децении истражувачите активно испитуваат како музичката терапија може да ги подобри здравствените резултати кај различни популации на пациенти, од предвремено родени бебиња до луѓе со депресија и Паркинсонова болест.
Една нова студија сугерира дека некои звуци, како што се приспивни песни, можат да ги смират предвремено родените бебиња и нивните родители, па дури и да го подобрат режимот на спиење и хранење на доенчињата, истовремено намалувајќи го родителскиот стрес. Студијата, спроведена од истражувачи од центарот за музика и медицина „Луис Армстронг“ во медицинскиот центар „Бет Израел“ во Њујорк, опфати 272 предвремено родени бебиња родени, пред 32-та недела од бременоста.
Џоана Луи, водечка авторка на студијата, вели дека музикотерапијата исто така го намалува и стресот на родителите.
– Има нешто во музиката, особено музиката во живо, што го возбудува и активира телото. Музиката има начин да го подобри квалитетот на животот и може дополнително да го забрза закрепнувањето – вели Луи, чија работа е дел од растечкото движење на музикотерапевти и психолози што ја истражуваат употребата на музиката во медицината за да им помогнат на пациентите што се справуваат со болка, депресија, па дури и Алцхајмерова болест.
Слушањето музика го намалува стресот
– Иако музиката одамна е препознаена како ефективна форма на терапија за да се обезбеди излез за емоциите, идејата за користење песни, звучни фреквенции и ритам за лекување физички заболувања е релативно нов домен – вели психологот Даниел Џ. Левитин, кој ја проучува невронауката за музиката на универзитетот „Мекгил“ во Монтреал.
Во метаанализата на 400 студии, Левитин и неговата дипломирана истражувачка соработничка Мона Лиза Чанда откриле дека музиката ја подобрува функцијата на имунолошкиот систем на телото и го намалува стресот. Слушањето музика исто така е поефикасно од лековите на рецепт во намалувањето на анксиозноста пред операцијата.
Истражувачите откриле дека слушањето музика и свирењето на некој инструмент го зголемуваат производството на антитела на имуноглобулин А и клетки „природни убијци“, кои ги напаѓаат вирусите и ја зголемуваат ефикасноста на имунолошкиот систем. Музиката исто така го намалува нивото на кортизолот, хормонот на стрес.
– Тоа е една од причините зошто музиката е поврзана со релаксација – вели Левитин.
Лиза Хартлинг, професорка по педијатрија на Универзитетот во Алберта, смета дека постојат сè повеќе научни докази дека мозокот реагира на музиката на многу специфични начини.