Првата песна што се слушнала од необичната дрвена кутија, подоцна наречена грамофон, била „Mary had a little lamb“ во 1877 година. Сепак, потрагата по кутијата што свири, односно уред што е способен да репродуцира звук и да ја наполни просторијата со пријатна мелодија, не билa воопшто едноставна. Луѓето со децении, па и векови, неуспешно се обидувале да направат апарат што би им овозможил таков вид уживање.
Томас Едисон дошол до идеја да дизајнира фонограф
Томас Едисон прв започнал да снима пораки напишани со Морзеовата азбука на лента од восочна хартија, а потоа се обидувал да ги емитува со голема брзина. Едисон тргнал од претпоставката дека мембраната на микрофонот, поврзана со игла, може да вгради шема што друга игла поврзана со слушалка би можела да ја репродуцира. Направил уред заснован на тој принцип и кога викнал „ало“, од уредот стигнал едвај чуен одговор „ало“. По повеќе години истражувачка работа, Томас Едисон дошол до идеја да дизајнира фонограф – претходник на грамофонот. Според неговиот проект, овој уред бил изработен од механичарот Крузи.
Од 1877 година, кога се слушнала првата песна од грамофонот, многубројни истражувачи работеле на подобрување на уредот за репродукција на звук. Пред повеќе од половина век, во Њујорк се појавила првата лонгплеј-плоча, која за многу Американци во тоа време претставувала вистинско чудо.
Оваа чудна, црна и тркалезна направa ја измислиле вработените во компанијата „Колумбија рекордс“ и многу брзо долгосвиречките плочи станале вистински хит. Долго време пред тоа, пронаоѓачите се обидувале низ различни изуми да го продолжат траењето на музиката на плочата, но никако не им успевало. И истражувачите од „Колумбија рекордс“ предводени од д-р Питер Голдмарк работеле на својот пронајдок со години додека не стигнале до вистински резултат.
Различни изуми за да се продолжи траењето на музиката
Тие уште во 1944 година создавале различни изуми со кои требало да се продолжи траењето на музиката, односно да се создаде место за повеќе песни на една плоча. По речиси четири години напорна работа и неуспешни обиди, успеале да создадат плоча од неразделива пластика, која се вртела многу послабо во однос на веќе постојната мала плоча.
Зголемен е и бројот на канали на новиот изум, па времето на репродукција наместо досегашните пет минути на новата плоча изнесувало 20 минути. Плочата е направена, но се појавил нов проблем – недостигал уред преку кој можел да се пренесе звукот од оваа плоча.
Тогаш започнала трката меѓу конкурентите, кои на секаков начин се обидувале да создадат први уред со кој ќе се репродуцира звукот од новата плоча. Фирмата „Ер-це-а“ во средината на минатиот век успеала да најде нов вид плоча, со 45 вртежи во минута и со тоа создала паника во производството на плочи.
Во играта се вклучила и британската компанија „Дека“, која веќе во 1959 година започнала да произведува лонгплеј-плочи за американскиот пазар. Само по неколку години, овие плочи почнале да се користат и во Англија. Долгосвиречката плоча многу брзо ја освоила Америка и целосно го засенила дотогашниот хит – малата плоча со 78 вртежи во минута.

































