Хуманитарен концерт на Роман Симовиќ и институтот „Фејмс“

Хуманитарен концерт на светски познатиот виолинист Роман Симовиќ и институтот „Фејмс“ во чест на жртвите од трагедијата во Кочани ќе се одржи на 29 април, во камерната сала на Македонската филхармонија. Оваа музичка вечер исполнета со класика, солидарност и поддршка е во организација на институтот „Фејмс“, со учество на светски познатиот виолинист Роман Симовиќ, концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар.
Средствата од продадените билети ќе бидат донирани за фондот за поддршка на семејствата на жртвите и повредените во трагичниот пожар во ноќен клуб во Кочани, каде што животите ги загубија над 60 лица, а повеќе беа повредени.
– Во моменти кога зборовите не се доволни, музиката може да биде најчистата форма на утеха и солидарност. Овој концерт е наш начин, преку уметноста, да им дадеме поддршка на семејствата погодени од оваа незамислива трагедија. Исклучително сме му благодарни на Роман Симовиќ што ја прифати поканата да настапи и ја стави својата уметност во служба на хуманоста – изјавија организаторите.
На концертот, публиката ќе има ретка можност да ужива во изведба на дела од Бетовен – Концерт за виолина и Симфонија бр. 7, под палката на маестро Симовиќ и оркестарот на „Фејмс“, институтот составен од млади, исклучителни музичари од различни европски земји. Настанот се организира во соработка со Црвениот крст на Македонија, а на самиот концерт ќе бидат поставени и пунктови за дополнителна доброволна донација.
Инаку, Роман Симовиќ е еден од најценетите виолинисти на нашето време, со богата солистичка и оркестарска кариера. Тој е концерт-мајстор на Лондонскиот симфониски оркестар и настапувал на некои од најпрестижните сцени во светот. Добитник е на многубројни меѓународни награди и има настапувано под диригентство на имиња како Валери Гергиев, Антонио Папано и други. Симовиќ свири на автентична виолина „страдивариус“ од 1709 година, позајмена од познатиот колекционер Џонатан Моулдс.