„КАРПОШОВО КУЛТУРНО ЛЕТО“
Од 18 до 29 август, во општината Карпош ќе уживаме во манифестацијата „Карпошово културно лето“, која ќе понуди богата и разновидна програма со учество на домашни уметници од различни области. Со оваа манифестација ќе се прикажат креативната енергија и културниот потенцијал на уметниците што живеат и творат во општината Карпош, како и најголемите музички имиња и уметници во Македонија. Настаните ќе се случуваат на повеќе локации: кај Млечен ресторан, во дворот на црквата „Света Троица“ во Бардовци, на тревникот кај кулите во Козле и на Летната сцена кај карпата на Кеј.
Манифестацијата беше отворена на платото кај Млечен ресторан, со голем концерт на легендите на македонската забавна музика. Настапија реномирани и млади изведувачи – од легендите Зорица Поп Панкова, Драган Мијалковски, Сашо Гигов-Гиш, Џон Илија Апелгрен, Тања Тас, до младата ѕвезда Ана Петановска, во придружба на оркестарот на Радио Бубамара, под водство на маестро Дамер Имери.
Танц, фолклор и хорско пеење
На 28 август, во дворот на црквата „Света Троица“ во Бардовци, концерт ќе одржат фолклегендите на народната музика – Наум Петревски, Ефто Пупиновски, Зуица Лазова, Ленче Кукиќ, Благоја Груевски, Смиља Митревска и други, во придружба на оркестарот на Радио Бубамара под водство на маестро Дамер Имери. Во рамките на манифестацијата, свои самостојни концерти на платото кај Млечен ресторан ќе има мултиинструменталистот Александар Јовевски, претставувајќи го својот нов албум „Од колено на колено“. Свој концерт ќе има и виртуозот на хармоника Мишел Трајковски со неговиот оркестар. Ексклузивно на „Карпошовото културно лето“, по одржани 40 концерти низ целиот свет, концерт на изворни песни и ора ќе одржи Ансамблот на Стевче Стојчевски, насловен „МакЕдинство“.
Предвидени се две танцувачки вечери на платото кај Млечен ресторан, со настапи на клубовите „Денсерс јунајтед“ и „Еурека“, чиј членови се светски и европски прваци во латинотанци, хипхоп и модерни танци. Своја вечер настап ќе има и популарното академско уметничко друштво АКУД „Мирче Ацев“, со академскиот хор и игроорната група. Овој настан ќе биде како мала најава за нивниот голем Фолклорен фестивал на солидарноста, кој ќе се одржува во наредните денови во Скопје.
Поезија, музика и филм
Поетско-музичката вечер со наслов „Волкот на љубовта“ ги обединува поетот Тихомир Јанчовски и музичарот Бранислав Николов („Фолтин“), со гостување на Андријана Јаневска. Настанот ќе се одржи на Летната сцена кај карпата на Кеј.
Во рамките на програмата беше отворена и ликовната изложба „Капка уметност“ на Елена Галика, на платото кај Млечен ресторан.
„Летното кино“ под отворено небо ќе го прикаже македонскиот филм „Пред дождот“ на Милчо Манчевски, на тревникот кај кулите во Козле, до ООУ „Владо Тасевски“. Со ваква внимателно конципирана и жанровски богата програма, целта е да се задоволат различни вкусови и интереси. Сите настани се со врвна содржина, базирана исклучиво на домашен потенцијал, која во августовските вечери ќе донесе дополнително задоволство за сите жители и гости на Карпош.