Со својата тесна брада, малиот нос и витканата коса физички личи на својот татко, изјави радиологот Сахар Салим – опишувајќи го фараонот Аменхотеп Први, крал-воин, кој претставува своевидна енигма бидејќи е една од ретките кралски мумии што не се одвиткуваат во модерното време.
Професорката по радиологија на медицинскиот факултет на Универзитетот во Каиро, Салим беше дел од тимот кој успешно дигитално ја одвитка мумијата на Аменхотеп Први.
За таа цел тимот користел 3Д-технологија за компјутерска томографија која им дала досега невидени и фасцинантни детали за неговиот изглед и раскошноста на накитот со кој бил погребан.
– Откривме дека Аменхотеп Први имал приближно 35 години кога умрел. Тој бил висок приближно 169 сантиметри, обрежан и имаше добри заби. Во својата обвивка, тој носел 30 амајлии и уникатен златен појас со златни мониста. Според цртите на лицето Аменхотеп Први физички личел на неговиот татко кој имал тесна брада, мал тесен нос, кадрава коса и благо испакнати горни заби – открива Салим, која е водечки автор на студијата објавена во списанието „Граници во медицината“.
Фактот што неговите заби се во толку добра состојба е доказ за тоа колку „неверојатен“ бил процесот на мумификација бидејќи многи кралки мумии имале лоши заби – појаснува Салим, додавајќи дека дури ситните коски во ушите бил одлично зачувани.
Аменхотеп Први бил вториот крал од 18-та династија и се искачил на тронот по смртта на неговиот татко, Ахмос Први кој владеел со Египет околу 21 година помеѓу 1525 и 1504 п.н.е. Од декодираните хиероглифи египтолозите знаат дека Аменхотеп во 11 век п.н.е бил одвиткан од свештеници за време на 21-та династија – со цел да се поправат штетите направени од ограбувачите на гробници.
Оригиналната гробница на Аменхотеп Први никогаш не била пронајдена. Тој бил откриен во 1881 година на локација во Луксор каде што е познато дека службениците од 21-та династија ги криеле мумиите на кралевите и благородниците за да ги заштитат од разбојниците на гробниците.
Неговиот дом е Египетскиот музеј во Каиро. Неговата мумија не е одвиткана поради „совршените“ ленени обвивки покриени со венци од делфиниуми, египетски речен коноп и сафли, и убавината на неговата насликана погребна маска. Кога ковчегот првпат бил отворен, била пронајдена зачувана оса, веројатно привлечена од мирисот на венците.
Истражувачкиот тим открил дека мозокот на Аменхотеп е недопрен, за разлика од другите кралеви, вклучувајќи ги Тутанкамон и Рамзес Втори. Тимот на Салим се надевал дека ќе најде докази за тоа како починал Аменхотеп, но тоа се покажа недостижно.
– Не можевме да најдеме никакви рани или обезличување поради болест за да ја одредиме причината за смртта, освен многубројните посмртни осакатувања, веројатно од ограбувачи на гробови по неговото прво погребување – вели Салим која додава дека неговата утроба била отстранета од првите мумификатори, но не мозокот и срцето.
– Откривме дека свештениците од 21-та династија со љубов ги поправале повредите нанесени од разбојниците на гробниците, ја вратиле неговата мумија во нејзиниот поранешен сјај и ги зачувале прекрасниот накит и амајлии на своето место – открива Салим.