Главата на мравка има многу сетилни органи. Како и повеќето инсекти, мравки имаат фасетни очи, кои се состојат од голем број мали леќи што се заемно поврзани. Очите на мравките се добри за забележување движење, но не овозможуваат добра резолуција на сликата. Исто така имаат три мали прости очи на врвот на нивната глава со кои можат да осетат ниво на светлина и поларизација. Во споредба со ’рбетниците, повеќето мравки имаат слаб или просечен вид, а некои подземни видови се целосно слепи. Некои други мравки, како австралиската myrmecia, имаат многу добар вид и можат да ја проценат далечината на предмети во движење на речиси еден метар далечина
Мравките се појавиле наеднаш околу светот во доцниот дел од периодот креда, но веќе биле доста разновидни од самиот почеток, сугерирајќи дека имале порани предци. Мравките еволуирале од семејство веспоид, еден тип оси што биле предци од периодот креда, кои станале мошне разновидни веќе поради зголемениот број на скриеносеменици. Повеќе од 12.500 од проценетите 22.000 вида мравки се класифицирани до денес. Тие лесно се препознатливи поради нивните искривени антени и дистинктивната структура на нивното тенко тело.
Мравките формираат живеалишта што се мали по големина, односно има неколку мравки грабливки што живеат заедно во мали природни дупки, до огромни организирани мравјалници што окупираат големи територии и се состојат од милиони мравки. Поголемите мравјалници имаат разни класи на стерилни, бескрилести женки, од кои повеќето се работници, како и војници и други специјализирани групи. Речиси сите мравјалници имаат и плодни машки единки што се наречени дрони, но и една или повеќе плодни женки наречени матици. Мравјалниците се нарекуваат и суперорганизми затоа што мравките работат како едно унифицирано суштество за да ја поддржат заедницата.
Мравките се присутни на речиси секој континент и остров на светот. Единствените места на кои нема домородни мравки се Антарктикот и неколку ненаселени острови. Мравките удобно живеат во повеќето екосистеми и вообичаено сочинуваат околу 15-25 отсто од живата маса на копнени животни. Нивното напредување во толку многу околини е главно поради нивната социјална организација и нивната способност да ја изменат околината, да ги користат расположливите ресурси и да се бранат себеси. Нивното заедничко живеење со други видови довело до мимикрија, коменсализам, паразитизам и мутуализам.
Во заедниците на мравки има поделба на работата, комуникација меѓу единките и способност да извршат покомплицирани проблеми. Овие сличности со човечките општества одамна биле инспирација за истражување. Голем број култури ги користат мравките за храна, медицина иза ритуали. Некои видови мравки се користат за уништување на други инсекти, кои вообичаено се штетни. Поради нивната способност да користат ресурси, во некои случаи мравките се наоѓаат во конфликт со луѓето бидејќи е можно да оштетат фарми, но и да извршат инвазија на згради. Некои видови, како Solenopsis invicta, се сметаат за инвазивни мравки, кои се сместуваат во места каде што биле однесени на грешка.
По големина мравките се од 0,75 до 52 мм, најголемиот вид бил фосилот Titanomyrma giganteum, кај кој матицата била долга 6 см, со должина на крилјата од 15 см. Мравките се разновидни по боја, но сепак повеќето се црни или црвени, но неколку вида се зелени, а некои од тие што се наоѓаат во тропски предели имаат метален сјај. Повеќе од 12.000 вида се досега познати (од проценети 22.000 вида), најголемата разновидност на мравки е присутна во тропските предели. Потребни се таксономски истражувања за да се датираат класификацијата и систематиката на мравките. Поради што мравките се релативно лесни да се истражуваат во екосистеми, тие се корисни за дознавање на еколошките промени на нивната средина и за истражување на биоразновидноста. Д.Ст.