Фото: Пиксабеј

Бојата на облеката што ја избираме за посебни пригоди или секојдневен стил не мора да зборува за нашиот карактер, но секако дава индиции за нашето моментално расположение. Налето, топлите денови и пријатните вечери секогаш носат нова енергија, па затоа деновиве можете да видите живи нијанси на улиците, но и класични, како што се бела или беж. И додека, традиционално, модните писти во Париз и Милано ги диктираат трендовите и боите на облеката во плакарите и на полиците, се чини дека оваа сезона, покрај актуелните нијанси, акцентот го ставаме и на нешто поумерено и понежно.
Чоколадно кафеава – добра стара класика, малку заборавена во последните години, се врати на голема врата есента 2024 година, кога главно доминираше на разни модели на палта и чанти. Од долги и лелеави фустани до здолништа со средна должина и ленени јакни, се чини дека „чоколадото“ е насекаде околу нас. Топла е, сензуална и цврсто приземјена.
Сончогледова жолта – во колекциите пролет/лето 2025, светски познатите брендови суптилно ја донесоа бојата на сезоната во своите модели на фустани, панталони и кошули. Ненаметлива е, добро се комбинира со нијанси на песок и камен, но и со светлосина – за малку помодерен изглед. Памучни маички во оваа боја, кои може да се најдат во продавниците, кога се комбинираат со бели ленени панталони или фармерки може да додадат живост и живот на секојдневните комбинации.
Лаванда виолетова – дизајнерите со години се обидуваат да ја популаризираат оваа лилава нијанса во модните кругови, а летово успеаја. Бојата што се чини дека ја носи смиреноста на самата лаванда, растение познато по своите смирувачки ефекти, ја освои модната сцена. Малку романтична, со допир на отпор и мир во исто време, лаванда виолетовата се најде на голем број модели на здолништа, патики и чанти.
Папагалско зелена – претставува вистински баланс помеѓу урбаниот градски стил и поврзаноста со природата. Освежителна е, шик, летна и жива, поради што стана омилена во уличната мода и кај голем број дизајнери. Вискозни комбинации, кратки здолништа и потпетици во оваа боја го прават изгледот впечатлив без преголем труд.