Хомосапиенсот пристигнал во Европа многу порано отколку што се сметаше, според археолошка студија. Археолошките откритија досега покажаа дека неандерталците исчезнале од европскиот континент пред 40.000 години, кратко по пристигнувањето на нивните „братучеди“ хомосапиенси само 5.000 години претходно, и немало докази за нивната средба. Сега, ново откритие од тим археолози и палеоантрополози предводени од Лудовик Слимак го датира доаѓањето на хомосапиенсот во Западна Европа пред приближно 54.000 години. Друго извонредно откритие од истражувањето е дека два типа луѓе наизменично живееле во пештерата Мандрин во јужна Франција. Локалитетот Мандрин, првпат ископан во 1990 година, вклучува слој по слој археолошки остатоци што датираат од пред повеќе од 80.000 години.
– Мандрин е како еден вид неандерталска Помпеја, без катастрофални настани, но со континуирано полнење на пештерата со песок што го носеле силните ветрови – рече Слимак.
Тимот открил слој, познат како слој Е, кој содржел најмалку 1.500 исечени врва од стрели направени од кремен, пофино изработени од врвовите и сечилата.
– Многу мали по големина, некои од нив пократки од еден сантиметар, овие врвови се стандардизирани, со точност до милиметар, нешто што воопшто не сме го виделе кај неандерталците – рече Слимак, експерт за неандерталските општества.
Тоа, како што објасни тој, веројатно биле врвови од стрели непознати во Европа во тоа време. Тој го припишува ова производство со неколку локалитети во областа Рона. Во 2016 година Слимак и неговиот тим го посетија музејот „Пибоди“ на Харвард за да ги споредат наодите со колекција фосили од локалитетот Ксар Акил, едно од главните места на експанзијата на хомосапиенсот кон исток. Сличноста помеѓу користените техники го убедила Слимак дека наодите на локалитетот Мандрин се првите траги од хомосапиенс пронајдени во Европа. Млечен заб пронајден во слојот Е ги потврди неговите сомневања. Научниците пронајдоа девет заби од шест лица на локацијата Мандрин. Тие древни заби му биле доверени на палеонтологот Клементе Заноли. Млечниот заб од слојот Е бил единствениот човечки заб пронајден на ова место и претставува најраниот познат доказ за современите луѓе во Западна Европа.
– Наодите од Мандрин се навистина возбудливи и се уште еден дел од сложувалката за тоа како луѓето пристигнале во Европа – заклучува професорот Крис Стрингер, коавтор на студијата и експерт за човечка еволуција во Природонаучниот музеј во Лондон.