Планинарскиот клуб „Љуботен“, викендов на 11 и 12 октомври, организира „Бејс камп Љуботен“ во хостелот „Китка“, во селото Вратница.
– Сто стапки по патеки, 100 насмевки под шатори! Дали си спремен/на за авантура што ќе ја паметиш цел живот? По повод големиот јубилеј – 100 години ПК „Љуботен“, го најавуваме првиот младински камп „Бејс камп Љуботен“!
Ова не е само настан туку почеток на една нова, возбудлива традиција – младински камп за сите авантуристи на возраст од 10 до 14 години! Очекувајте многу забава, игри, едукација и уживање во природата – информираат од ПК „Љуботен“.
Предвидена е и посебна програма за најмалите.
– Оваа авантура е и за најмладите, на возраст од четири до 10 години, кои можат да уживаат заедно со своите родители. За нив, в недела, имаме посебна тура „Патеката на боите на природата“. Сто стапки по патеки, сто насмевки под шатори, сто приказни од планината, сто игри за вас – младината. Да учиме, да се забавуваме и да ги сакаме планината и природата, за нова авантура срцето секогаш да ни бие. Млади и стари сите на едно место, 100-годишен роденден не се слави често. Традицијата да се продолжи мора, да дојдете во Вратница на 11 и 12 октомври е главна фора! Дојдете да го прославиме нашиот јубилеј и да ги направиме првите 100 чекорчиња кон идните авантури – пишуваат и повикуваат од ПК „Љуботен“.