Инклузивното танцово студио „Денсерс јунајтед“ по повод Светскиот ден на лицата со попреченост, кој се празнува на 3 декември, по десетти пат ја раскажа својата приказна, која нè сплотува сите и во исто време ни ги покажува вистинските вредности, кои се градат од најмала возраст. На сцената на МНТ танцуваа, пееја, свиреа лица на возраст од четири до 44 години. Претставата, која беше испреплетена со инклузивни точки од хипхоп, балет и латинотанци, ја истакна убавината на различноста и заедништвото.
Преку танц, музика и емоции, сцените ја раскажаа приказната за едно дете што ги истражува животните фази – од раѓањето, првите пријателства и љубопитноста за светот, до борбите со прифаќањето, откривањето на страста за танцот и соништата за иднината. Преку нивните движења и енергија, претставата испрати порака за љубовта, поддршката и силата што ја наоѓаме во заедништвото – потсетувајќи нè дека секој ден е нова можност да ги цениме моментите, да создадеме спомени и да го живееме животот со радост.
Убавината на овие инклузивни претстави, кои танцовото студио „Денсерс јунајтед“ ги организира десет години во континуитет, е што истите тие инспирираат, мотивираат, им покажуваат на сите учесници, како и на присутните од најмала до најголема возраст дека не постојат бариери, сите сме исти, сите можеме кога сакаме, само треба да го поттикнеме најдоброто во себе и со многу љубов, трпение и поддршка ќе стигнеме до целта.