Кога собрав храброст да објавам некои свои песни, некои добија и своја мелодија, луѓето почнаа да се препознаваат во нив, во чувствата, стиховите, во приказната што ја носеа. И таа интеракција ме поттикна да почнам да пишувам и драма. Создавав ликови инспирирани од релани луѓе, но надградени, со цел да ја доловам поврзаноста на личното со универзалното, изјави Чешларов на промоцијата на својата книга „Три лица на љубовта“, што се одржа синоќа во Малата сала на Филхармонија
Во Малата сала на Филхармонија вчеравечер се случи настан што допре до сите присутни со својата оригиналност, со емоциите, со спојот на уметниците кои беа негов дел.
Промоцијата на мултимедијалната книга „Три лица на љубовта“ од авторот Митко Чешларов, во издание на „Сигмапрес“ сите не вовлече во светот на креативноста и талентот, кој секогаш е посебен и кај сите буди различни чувства, но истовремено сите не однесе во универлазниот свет на поезијата, на музиката, на убавината…
„Ова не е книга што се покорува на книжевните правила – туку постмодерен мозаик на срцето. Стиховите, записите и сцените не се водат по формата, туку по емоцијата што ги раѓа. Личното и универзалното овде не се спротиставени – тие се меѓусебни огледала, хранети од ист извор. Книгата може да да се чита како исповед, а може и секој читател да ја почувствува како своја приказна. Зашто љубовта, осаменоста, копнежот и надежта се скеогаш лични – и секогаш заеднички“.
Со овие зборови на авторот Митко Чешларов, почнува книгата „Три лица на љубовта“, која е всушност уникатен мултимедијален проект составен од лирски записи, авторски песни и драмски текст, три различни форми преку кои се обработуваат теми што секој човек ги носи во себе. Секоја композиција има свој лирски запис, а во книгата се вклучени и кјуар кодови кои водат до сите досега снимени песни на официјалниот Јутјуб канал на авторот.
Врз основа на текстовите во книгата досега се снимени осум авторски композиции, а проектот продолжува со создавање и снимање нови песни. Истиот концепт се подготвува и за Хрватска.
Настанот, што го водеше Драги Павлевски, а за режијата се погрижи Игор Ивановски-Изи, почна со интерпретирање на делови од книгата од страна на Жаклина Стевковска, која беше дел и од изведувачите кои настапија: Мариана Бошковска, Ана Петановска, Горан Наумовски, Агни Авшар, Биба Додева и Зорица Поп Панкова. Автор на музиката и текстовите на сите песни што ги слушнавме е Митко Чешларов, а аранжери се: Ангел Ќосев, Кристијан Габроски, Стефан Петановски, Давор Јордановски и Владимир Дојчиновски.
Публиката искрено реагиарше на сите нумери и не ги штедеше дланките, иако станува збор за релативно нови композиции, но во извонредна интерпретација на сите пејачи, тие звучеа навистина светски. Настапшот на Зорица Поп Панкова беше кулминација на вечерта и предизвика лавина од емоции и долго скандирање, уште за време на изведбата.
Можеби причината е тоа што по цели 25 години легендарната пејачка ја сними песната „Поминува сѐ“ на Митко Чешларов, која како да е напишана токму за неа.
На крајот на присутните им се обрати и Митко Чешларов, кој откри која била причината да го реализира овој голем проект.
– Пред година и пол, сосема случајно или токму кога требаше да се случи, се навратив повторно на пишувањето и на компонирањето. Ги обликував старите записи и создавав нови творби. Она што ми беше интересно е дека кога собрав храброст да објавам некои свои песни, луѓето почнаа да се препознаваат во нив, во чувствата, стиховите, во приказната што ја носеа. И таа интеракција ме поттикна да почнам да пишувам и драма. Создавав ликови инспирирани од релани луѓе, но надградени, со цел да ја доловам поврзаноста на личното со универзалното. Секој мисли оти тоа е негова лична приказна, а сите ние всушност живееме исти нешта. Така се создаде оваа книга „Три лица на љубовта“, книга на записи, на песни и на драма, што некако природно се поврзаа во една книга – изјави Чешларов на промоцијата.
Инаку Митко Чешларов, има титула магистер по психологија и е вработен во Бирото за развој на образованието веќе 15 години. Можеби токму тоа му помогнало полесно да проникне во својата и во душите на другите луѓе, кои синоќа несомнено ги допре со своите песни, а гените, односо наследството од татко му, познатиот македонски музичар Благој Чешларов го наградиле со талент за компонирање и добро снаоѓање во музичките води.
Тој на крајот им се заблагодари на сите кои му помогнале сето ова да го оствараи и ни вети дека наскоро ќе се одржи и премирерата на неговата драмата „Кој сум јас“. М.Т.










































