Пауновите пајаци се наоѓаат низ цела Австралија. Тие се именувани така поради светлите бои што мажјаците ги имаат на стомакот, кои ги покажуваат во заводливиот ритуал на парење. Тие создаваат звук на тропање со нозете, некаква форма на песна, и се движат ритмично додека ги покажуваат своите сјајни шари. Она што е извонредно кај овие суштества е колку се разновидни по својот изглед, песни и танцувачки движења. Постојат повеќе од сто вида паунови пајаци, додека од повеќето други животини има само пет до десет вида, а истражувачите веруваат дека тоа е делумно поради „темната ДНК“ на овој вид на пајак, мистериозниот дел од генетскиот код на животното, и ја проучуваат за да откријат повеќе. Тие сметаат дека оваа темна ДНК би можела да му овозможи да се приспособува брзо на променливите услови на животната средина развивајќи се во нови видови.
Кои процеси произведуваат варијации во животинскиот свет
Она што го откриваат научниците би можело да помогне да се објасни зошто постојат толку многу варијации во природниот свет.
– Ние сме заинтересирани за тоа како пајаците се развиваат за да станат толку разновидни – рече Џона Вокер од институтот „Сангер“, кој исто така спомена дека проучувањето на пауновите пајаци можеме да го користиме за да се обидеме да разбереме кои процеси произведуваат варијации воопшто во животинскиот свет.
Иако Вокер претходно се плашел од пајаците, науката што стои зад пајаците го привлекувала толку многу што го надминал стравот и го презел проектот како дел од своето докторско истражување.
– Кога им реков на пријателите и семејството дека ќе студирам на проблематиката на пајаците во Австралија, добив загрижени погледи, а очигледно и самиот бев загрижен. Но, само неколку секунди гледање на тоа како танцуваат беа доволни за да исчезне секој страв – вели Вокер, кој работел со водачот на неговата група, д-р Јоан Маер, и со меѓународен тим.
Почеток на еден од најамбициозните генетски проекти
Потоа тие внимателно ги категоризирале прецизните детали за однесувањето, движењето и песната на секој од нив. Последниот дел од сложувалката бил поврзување на сите овие информации со ДНК на секој вид. Со споредување на резултатите на секој вид, тие се надеваат дека ќе откријат кои гени се одговорни за секоја карактеристика и на крајот зошто постојат толку различни видови паунови пајаци и, иако истражувањето е во тек, тимот веќе има силна научна основа за понатамошно истражување.
– Сѐ уште е почеток, но едно од интересните нешта што ги откривме е дека можеби не се само гените одговорни за разновидноста, туку и деловите помеѓу, т.н. темна ДНК, која може да влијае на тоа како пајаците еволуираат – вели Вокер.
ДНК се состои од долга низа молекули. Некои нивни делови се вклучени во одлучувањето за специфични особини. Во случајот со луѓето, тие можат да одлучат за висината или бојата на очите. Овие делови се нарекуваат гени. Но, поголемиот дел од ДНК не се гени и никој всушност не знае што се. Истражувачите од „Сангер“ сметаат дека оваа т.н. темна ДНК може да биде одговорна за разновидноста на пајаците. Тие имаат трипати повеќе темна ДНК од луѓето. Некои пеперутки и молци исто така имаат исклучително голем број видови.
Д-р Мајер веќе декодирал ДНК на илјада видови пеперутки и молци. Но, пајаците, пеперутките и молците се само почеток на еден од најамбициозните генетски проекти што се реализирани. Планот е да се дешифрира генетскиот код на секоја билка, животно и габа на планетата во следните десет години.