Знаменитостите на Македонија
Во Миокази и околу него постојат старини и карактеристични топоними, поради што се претпоставува дека селото било населено одамна. Источно од селото се наоѓа возвишувањето Кале (1.022 м), на чиј врв се наоѓаат остатоци од кружни ѕидини. Се претпоставува дека таму се наоѓала тврдина, од која се надгледувал патот Кичево – Прилеп.
Јужно од селото Миокази се наоѓа возвишувањето Градиште, каде што се наоѓаат остатоци од ѕидови, кои се во подобра состојба од оние на Кале. Во 1960 година, при ископ на канал за наводнување, во подножјето на Градиште била пронајдена гробница. Гробницата била со ѕидови од сите четири страни, а внатре имало ќупови
Миокази е село во областа Рабетинкол
Се претпоставува дека селото го добило името по некој „миљоказ“, бидејќи се наоѓа на стариот римски пат Дебар – Кичево – Прилеп. Селото се наоѓа во Кичевската Котлина, во областа Рабетинкол, во источниот дел на територијата на Општина Кичево, чиј атар се допира со подрачјето на Општина Македонски Брод. Селото е ридско, на надморска височина од 606 метри. Од градот Кичево е оддалечено 12 километри и лежи во подножјето на планината Челоица.
Во Миокази и околу него постојат старини и карактеристични топоними, поради што се претпоставува дека селото било населено одамна. Источно од селото се наоѓа возвишувањето Кале (1.022 м), на чиј врв се наоѓаат остатоци од кружни ѕидини. Се претпоставува дека таму се наоѓала тврдина, од која се надгледувал патот Кичево – Прилеп. Јужно од селото се наоѓа возвишувањето Градиште (642 м), каде што се наоѓаат остатоци од ѕидови, кои се во подобра состојба од оние на Кале. Во 1960 година, при ископ на канал за наводнување, во подножјето на Градиште била пронајдена гробница. Гробницата била со ѕидови од сите четири страни, а внатре имало ќупови. Помеѓу овие две возвишувања се наоѓа долината на Рабетинска Река, каде што се наоѓаат голем број ниви, во кои се наоѓале многубројни остатоци од тули.
Градиште
Градиште или Венец е археолошко наоѓалиште во кичевското село Миокази. Претставува населба од неолитското, железното, римското, доцноантичкото време и средниот век. Се наоѓа на околу 800 метри југоисточно од селото, каде што се издига височинка издолжена во правецот запад – исток. Од нејзината западна страна има помала височинка со правилна конусна форма наречена Крст – одвоена од градиштето со мал преслап.
Северната страна на градиштето стрмно се спушта кон коритото на Рабетинска Река, над која, од спротивната страна, се издига високиот рид Кале. Што се однесува до источната и јужната страна, тие се поблаги и се спуштаат кон рамното поле низ кое минува патот Кичево – Македонски Брод, а малку подалеку од него е коритото на Велика Река. Градиштето е опкружено со масивен бедем широк два метра, од кој се зачувани темелите, наместа високи два до три метри.
На бедемот има 12 кули, распоредени на 20-30 метри една од друга. Како засилување на безбедноста, на западниот крај, пред бедемот бил подигнат заштитен ѕид. Внатрешниот простор на градиштето има нерамна конфигурација, а на површината е присутно множество кршен камен, тегули, тули и друг градежен материјал. На одделни места се гледаат дури и темели од ѕидови на помали објекти.
Во 1979 и 1981 година биле вршени сондажни ископувања, при што се откриени остатоци од сакрална градба – базилика од 5 или 6 век, гробови од некропола од 5-6 век, архитектонски остатоци од два доцноантички станбени објекта, како и неолитски артефакти. Подвижниот археолошки материјал откриен со овие работи недвосмислено покажува дека таму се живеело долго, од доцниот неолит до средниот век. Наодите се чуваат во Музејот во Кичево.
Кале
Кале е археолошко наоѓалиште во кичевското село Миокази. Претставува населба од римско време. Се наоѓа на околу 1 км источно од селото, во непосредната близина на наоѓалиштето Градиште, од левата страна на Рабетинска Река, каде што на висок рид со зарамнето плато се гледаат темели од одбранбен бедем граден од камен и варов малтер. По површината се среќаваат грамади од градежен материјал.
Топлец
Топлец е археолошко наоѓалиште во кичевското село Миокази. Претставува населба од доцноантичко време. Се наоѓа на околу 300 м северно од селото, во приватни ниви, каде што при обработувањето на земјата мештаните наидувале на темели од објекти. Денес по површината се среќаваат фрагменти од керамички садови, питоси, покривни ќерамиди, како и згура од топена железна руда.
Дирек
Дирек е археолошко наоѓалиште во кичевското село Миокази. Претставува населба од римско време. Се наоѓа јужно од наоѓалиштето Градиште, поточно од неговото подножје до патот Кичево – Брод, каде што по површината на нивите се среќаваат множество градежен материјал, фрагменти од керамички садови, питоси, тегули, имбрекси и друго.
Д.Ст.