По успешната летна турнеја низ Балканот, со настапи на четири островски фестивали, и тоа фестивалот „Там там“ на островот Хвар, „Зларин стрит фестивал“, фестивалот МАРС на Мљет и „Ластово оток глазбе“, музичкиот фестивал на Ластово, Дина Јашари продолжува понатаму со освојување на европските музички сцени. Вечерва „Дина Јашари трио“ ќе се претстави со свој целовечерен концерт во познатата музичка концертна сала „Палас Акрополис“ во Прага, како дел од премиерата на музичкиот документарен филм „Ефтеркланг: македониум бенд“, каде што и самата учествуваше. Дина Јашари и триото во Прага ќе настапат заедно со данскиот бенд „Ефтеркланг“, со кој ќе се обединат повторно на сцената по настапот на отворањето на 21-то издание на фестивалот на европски филм „Синедејс“ во јули годинава. Ден претходно триото ќе настапи во Културниот центар во Крањ, Словенија, додека на 8 ноември новосадската публика ќе има можност да го проследи настапот на триото во необичниот простор на „Булевар букс“.
Последниот настап на Дина Јашари во Скопје беше за време на фестивалот „Прво па женско“ во Музејот на современата уметност на 1 јуни, каде што за првпат го претстави новото трио. Триото е во подготовка на новиот музички материјал, кој во вид на албум е планирано да биде издаден некаде кон средината на 2025 година. Изминативе години Дина Јашари постигна големи успеси со многубројни настапи во Македонија, но и надвор од границите на државата, на фестивали како „Егзит“ (Нови Сад), „Мент“ (Љубљана), „Вианки“ (Краков). Еден од поголемите настапи на младата музичка ѕвезда во подем е како предгрупа на бендот „Елементал“ во огромната спортска сала „Шалата“ во Загреб, по повод јубилејниот концерт за 25 години постоење на бендот. Во 2022 година Дина Јашари ја освои наградата „Милан Младеновиќ“ за песната „Дома“.
Триото е составено од Драган Теодосиев (тапани), Лука Тошев (гитара) и Дина Јашари како вокалистка и кантавторка.