Во морето од различни препарати, тешко е да се избере мицеларна вода што не содржи метали и опасни конзерванси. Но можете да ја направите и сами! Благодарение на дерматолозите, но и на ѕвездите од шоу-бизнисот, топ моделите и професионалните шминкери, мицеларната вода, препарат за отстранување шминка и нега на лице, последните години стана хит.
Името го добила по малите масни молекули (мицели), кои се добиваат од природни шеќери. Едниот крај на овие молекули е хидрофилен и привлекува вода, додека другиот е липофилен, односно привлекува масла и масни честички и ги раствора. Поради тоа мицеларната вода е ефикасна и при бришење водоотпорна шминка.
Ова е рецепт за мицеларна вода што не ја иритира кожата и која не е потребно да се плакне, која е евтина и лесно се прави од природни состојки. Потребни ви се 250 мл дестилирана вода, 1/8 кафено лажиче лецитин (во гранули или течен), 1/2 лажиче течен растителен глицерин (можете да купите во аптека), 1/2 лажиче масло од бадем, јојоба или арган, 1/2 лажиче течен сапун и неколку капки етерично масло од лаванда или ружа.
Приготвување: Во стаклена чинија ставете вода, додајте ги сите состојки и добро измешајте. Добиената смеса исцедете ја (поради можни зрнца лецитин) и со помош на инка префрлете ја во стаклено шише и затворете ја цврсто. И вашата мицеларна вода е готова. Користете ја како и секоја купена мицеларна вода, но бидејќи не содржи никакви конзерванси, препорачливо е да се користи само еден месец.

































