Фото: Пиксабеј

Меѓународната вселенска станица (МВС) е полна со бактерии и габи, кои можат да предизвикаат различни болести и да влијаат на формирање биофилмови отпорни на антибиотици, а исто така може да влијаат и на корозија на вселенското летало, покажало ново истражување. Во станицата изградена во 1998 година, која кружи околу 400 километри над Земјата, научниците од НАСА откриле дека микробите главно потекнуваат од луѓето и се слични на оние што се откриени во јавни објекти и канцеларии на Земјата.

Прво истражување што овозможува сеопфатен список на бактерии

Станува збор за прво истражување што овозможува сеопфатен список на бактерии и габи што се присутни на внатрешните површини во затворените вселенски системи.
Д-р Кастури Венкатесваран, виш научен истражувач во лабораторијата на НАСА, е еден од авторите на студијата.
– Меѓународната вселенска станица е херметички затворен систем, подложен на микрогравитација, зрачење, зголемена концентрација на јаглерод диоксид и посебна циркулација на воздухот преку апсолутни филтри или HEPA, што спаѓа во категоријата екстремни услови – вели тој.
Венкатесваран објасни дека таканаречените филтри HEPA задржуваат 99,997 отсто од честичките помали од 0,3 микрони и се користат во болниците, фармацевтската и прехранбената индустрија, електронската индустрија, односно секаде каде што е потребен стерилен и чист воздух.
Тој вели дека е познато дека микробите преживуваат, па дури и се размножуваат во екстремни услови.
– Микробите што се присутни на Меѓународната вселенска станица можеби се таму уште од самиот почеток на работата на станицата, додека другите најверојатно стигнуваат секогаш кога ќе дојде нов астронаут или нов товар -додаде тој.
Влијанието на микробиомот врз здравјето на човекот во затворени простори станува сè поважно за астронаутите за време на летовите поради нивниот променет имунитет, кој е поврзан со вселенските летови и недостигот од напредни медицински интервенции што се достапни на Земјата. Во поглед на претстојната нова ера на човечкото проширување во вселената, како што е идното вселенско патување до Марс, микробиомите во затворената вселенска средина мора да се испитаат темелно за да се идентификуваат видовите микроорганизми што можат да се насоберат во тоа единствено опкружување.

Научниците велат дека резултатите од студијата се корисни

Истовремено треба да се проучи колкаво е времето на нивното преживување, какво е нивното влијание врз човечкото здравје, како и врз инфраструктурата на вселенските летала. Целата вода на МВС доаѓа од Земјата. Речиси целата влажност на воздухот на МВС потекнува од астронаутите, преку нивното дишење или потење. Контролата на влажноста на МВС е важна за заштита на здравјето на астронаутите, но и за заштита на опремата на МВС.
Таа се одржува на околу 60 проценти и редовно се контролира. Доколку достигне 70 проценти или ја надмине таа вредност, може да се појават проблеми за астронаутите. Најголемиот проблем е тоа што топлите и влажни услови можат да го поттикнат растот на микроорганизмите, кои, освен на астронаутите, можат негативно да влијаат и на станицата.
Имено, тие можат да го ослабат челикот од кој е направена МВС и да влијаат на појава на корозија. Научниците велат дека резултатите од студијата може да се искористат како придонес за подобрување на безбедносните мерки што ги задоволуваат барањата на НАСА кога станува збор за човечкиот живот во вселенскиот простор.