Зошто порасна цената на маслиновото масло?
Маслинката е едно од растенијата што најдобро се приспособуваат на сува клима. Но во услови на екстремна суша таа ги активира механизмите за да се заштити и не дава плод. За одгледување маслинки е потребно минимално количество вода, но сушите и топлотните бранови сепак влијаат на производството.
Меѓу можните решенија на Меѓународниот совет за маслинки (ИОК), истакнати на конгресот за маслиново масло во Мадрид, можеше да се слушне и она за генетските истражувања во оваа област. Во последниве години стотици сорти на маслинови дрвја беа тестирани за да се идентификуваат видовите што најдобро се приспособуваат на повисоки температури. Целта е да се најдат сорти на кои им требаат помалку студени часови во зима и што се поотпорни на стресот предизвикан од недостигот од вода во одредени клучни периоди од годината. Секторот исто така се стреми да го подобри користењето на водата со складирање дождовница, рециклирање отпадни води и користење технологија со помалку вода за наводнување на дрвјата. Тоа значи да се напушти површинското наводнување и, наместо тоа, да се користи системот капка по капка, кој ја носи водата директно до корењата на дрвјата за да се избегне загубата на вода.
Земјоделците го напуштаат производството на маслинови дрвја во одредени области што би можеле да станат несоодветни бидејќи се премногу суви. Од друга страна, има зголемување на нови насади со маслинки, иако во мал обем, во региони што претходно не се користеле за одгледување на оваа култура.