Осмомартовски марш

По повод 8 Март, Меѓународниот ден на жената, Платформата за родова еднаквост повикува на традиционалниот марш за женски права, кој ќе почне на 8 март, во 12 часот, во паркот „Жена борец“. Маршот ќе заврши пред украдената биста на Вера Јоциќ, во знак на протест и отпор кон фактичкото и фигуративно бришење на жените во нашето општество. Жената постои на маргините на заедницата, како и на маргините на историјата, под континуиран ризик да биде избришана, заборавена, убиена.
Слоганот „Нема да нè снема“ ја изразува непоколебливата и нужна борба на жените да опстојат во систем и општество што ја загрозуваат нивната безбедност, не ги штитат од насилници, ги забораваат, ги оставаат на маргините и ги бришат. Што да славиме кога се бориме за опстанок?
– Работата на жените често е невидлива, омаловажувана, помалку платена и присвојувана. Жената што работи хонорарно нема здравствено, социјално, ниту пензиско осигурување, што дополнително ја отежнува нејзината економска независност и директно влијае на можноста за платено породилно отсуство. На секои десет вработени мажи, има само седум вработени жени. Минатата година ја обележаа пет фемициди и рекордна бројка на родово базирано насилство во последните пет години, а годинава насилството продолжи со огромен број нови случаи каде што жените иако пријавувале повторно биле игнорирани. Згора на сѐ продолжуваат и дискриминацијата, нападите и општата негрижа кон трудниците, земјоделките, работничките, невработените жени… – истакнуваат организаторите на маршот.
Јавниот простор сè повеќе е затрупан со дезинформации што го релативизираат и го нормализираат насилството и го искривуваат поимот за родова еднаквост. Институционалното потфрлање и одбегнувањетo одговорност жената го плаќа со своето здравје и живот, игнорирана кога ќе побара помош и без да дочека правда. Дополнително, општеството се милитаризира, националистичкиот и фашистички говор се засилува, сведоци сме на војни и еколошки катастрофи, а жените плаќаат од својот џеб за невиденото лакомење на малкумина. Овој систем на нееднаквост и надмоќ преживува на грбот на женската слобода и труд. Затоа на 8 март повикуваме да маршираме заедно за да кажеме и покажеме дека се сеќаваме, бележиме, продолжуваме да постоиме и се бориме. Маршираме по улиците на нашите градови, за да порачаме: „Нема да нѐ снема“, подвлекуваат организаторите на осмомартовскиот марш.