Одбележан празникот Рождество на мајката божја
Едно од најпознатите црковни светилишта во земјава, манастирот „Пресвета Богородица Пречиста“, го слави својот патрон, Рождество на мајката божја.
Традиционално за овој ден манастирот е посетен од повеќе илjади верници, како од Кичево и блиската околина така и од соседните градови. Одбележувањето на овој голем празник во кичевскиот манастир се одржа викендов.
– Манастирот „Пресвета Богородица Пречиста“ го започна одбележувањето на големиот празник со вечерната богослужба на која началствуваше митрополитот дебарско-кичевски Тимотеј, а присуствуваа митрополитот повардарски Агатангел и епископот антаниски Партениј. Во текот на оваа богослужба, искушеничката Душица од манастирското сестринство беше вброена кон рамноангелскиот монашки чин.
Кумовите на манастирот организираа манастирски ручек за сите верници присутни во манастирските конаци и предворје – истакна отец Александар Крстаноски.
Во програмата за празникот беше отслужена утринска богослужба и имаше пречек на митрополитите, а потоа беше отслужена Света архијерејска златоустова литургија.
– Наедно учествувавме заеднички и во молитвите при чинот на монашкиот потстриг на нашата сестра. А за сето тоа да биде исполнето со најубавото источно православно пеење, помогнаа нашите најдраги пријатели од Света Гора, архимандритите отец Матеј, отец Антила и отец Херувим, монаси, псалти и други гости – нагласи отецот.
Традиционално за празникот Рождество на мајката божја – Мала Богородица во манастирот се избира нов кум на манастирот, кој на овој верски храм ќе му служи во наредните 12 месеци. Така, покрај постригот што беше извршен врз искушеничката Душица, Цане Ѓорѓијоски од Кичево беше избран за нов манастирски кум, а на мала верска свеченост беше извршено примопредавање на кумството. Пресреќниот нов кум Ѓорѓијоски беше крајно возбуден од чинот на негов избор за нов манастирски кум.
– Уште како дете моите родители и блиски роднини за овој празник ме носеа во манастирот „Пресвета Богородица Пречиста“. И денес дочекав да бидам манастирски кум, кој ќе му служи на ова светилиште во наредните 12 месеци. Чувството е прекрасно, но има ред активности што треба да се извршуваат во текот на целата година, како за почеток собирање на компирот и подготовка на храна за добитокот за зимски период, како и пролетно и летно косење на манастирските ливади. Се надевам дека и со мојот ангажман сите работи во претстојните 12 месеци ќе поминат во најдобар ред и според планот за оваа и наредната година – истакна новиот кум. З.А.