Од 30 октомври до 3 ноември во Упсала, Шведска, се одржа еден од најголемите танцови натпревари „Мегаденс викенд“, елитен настан со традиција од шест години, на кој учествуваа 3.375 танчари од повеќе европски земји. Во рамките на натпреварот се одржа и Европско првенство во латиноамерикански танци на Светската уметничка танцова федерација, каде што боите на Македонија ги бранеа танчарите на студиото „Денсерс јунајтед“.
– Воодушевувачки е успехот на танчарите од „Денсерс јунајтед“, репрезентацијата на Македонија чии 13 танчари беа на врвот во своите категории. Пред сѐ е привилегија и предизвик да се биде дел од ова елитно натпреварување, а тоа што танчарите на „Денсерс јунајтед“ го покажаа на оваа европска сцена го потврдува фактот дека Македонија има едни од најдобрите танчари. Танчарите на „Денсерс јунајтед“ од Европското првенство, покрај огромното искуство, почит, восхит, се вратија и со 11 златни, 9 сребрени и 5 бронзени пехари. Секој натпревар е големо искуство за нас како тренери и танчари и за мене како судија. Со голема радост ги прифаќаме поканите да учествуваме на сите позначајни меѓународни, светски и европски првенства. Ова Европско првенство во Шведска беше само уште еден показател дека танчарите од „Денсерс јунајтед“ се на врвно ниво, рамо до рамо со најдобрите во светот на танцот – велат од студиото.
Оттаму додаваат дека се горди што од ова студио излегуваат светски и европски прваци.
– Нашите резултати покажуваат дека Македонија веќе е велесила во светот на танцот, задоволството е уште поголемо што интересот за нашите танчари секоја година сѐ повеќе се зголемува, тие се веќе препознатливи како квалитетни танчари со неверојатна техника, знаење, креативност, атрактивност, вештини, костимографија – изјави Сара Кочан, официјална судијка од Македонија на Европското првенство во Упсала, Шведска.
Во периодот што следува танчарите на „Денсерс јунајтед“ ќе учествуваат уште на четири натпревари, од кои три се меѓународни, во Романија, Хрватска и во Србија, а на крајот од годината ќе бидат и на натпреварот „Кристмас денс компетишн“ во Велес.
На 3 Декември – Меѓународниот ден на лицата со попреченост, танцовото студио „Денсерс јунајтед“ ќе ја одржи својата 10-та јубилејна инклузивна танцова претстава во Македонскиот народен театар, со која танчарите ја слават различноста преку танц, музика и уметност.