„ДЏ Ахмет“ на Георги Унковски и „Мајка“ на Теона Стругар Митевска се селектирани во официјалната програма на престижниот 69. Лондонски филмски фестивал на Британскиот филмски институт (БФИ), кој ќе се одржи од 8 до 19 октомври 2025 година. Ова претставува историски момент за македонската кинематографија, бидејќи за првпат два домашни наслова ќе имаат проекции на еден од најзначајните и најценети филмски фестивали во светот.
Филмот „Мајка“ на Теона Стругар Митевска, инспириран од животот на Мајка Тереза, својата светска премиера ја имаше на 82. Меѓународен филмски фестивал во Венеција, на 28 август 2025 година, каде што беше прифатен со извонредни реакции од публиката и критиката. Актерската екипа ја сочинуваат Никола Ристановски во улогата на отец Фредерик, Силивија Хукс како сестра Агнешка, како и Екин Чорапчи, Марајке Пиној и Лабина Митевска. Сценариото го потпишуваат Гоце Смилевски, Теона Стругар Митевска и Елма Татарaгиќ, додека зад камерата стои наградуваната белгиска директорка на фотографија Виржини Сен-Мартин (SBC). Првите критики по премиерата го оценија
„Мајка“ како „смело и современо филмско портретирање“ и „најкомплексното остварување на Митевска досега“. Овој исклучителен прием претставува уште еден голем успех за македонската кинематографија – во Венеција беше прикажан филм што се наметнува со интернационален јазик, естетика и релевантност.
Филмот „ДЏ Ахмет“ на Георги Унковски веќе бележи голем меѓународен успех. На годинашниот Сараевски филмски фестивал, делото освои две значајни награди: специјалната награда „Младински перспективи“, спонзорирана од Советот на Европа, која жирито ја додели со образложение дека станува збор за „филм за млади луѓе што ја предизвикуваат својата заедница и традиција – лежерна и хумористична, но многу трогателна приказна, збогатена со привлечни и живи изведби на младите актери и шарена кинематографија, за која веруваме дека има потенцијал да допре до публиката, особено до младите, низ целиот свет“. Втората награда ја додели престижниот европски портал „Синеуропа“, специјализирана веб-страница за кинематографија и филмски професионалци, кој го награди „ДЏ Ахмет“ како дело со неоспорни уметнички квалитети што наедно ја промовира и идејата за европски дијалог и интеграција. Дополнително, филмот триумфира и на Филмскиот фестивал во Херцег Нови, каде што освои гранпри, што ја зацврсти неговата позиција како еден од највпечатливите регионални филмски успеси годинава.
Селекцијата на „Мајка“ и „ДЏ Ахмет“ во програмата на Лондонскиот филмски фестивал на Британскиот филмски институт е јасен доказ за растечката видливост и креативна сила на македонската кинематографија на светско ниво. Со ова признание, Македонија се вбројува меѓу земјите чија филмска продукција е препознаена како иновативна, креативна и уметнички релевантна.