Најголемиот предизвик при маркирањето со кој се соочува асоцијацијата е како што се очекуваше – дивата, а на некои места и легалната сеча на шумите, што води кон уништување не само на маркациите туку и на самата патека
Проектот Македонска бесконечна трансверзала, познат и под уметничкото име Sammiana, се развива со брзо темпо и веќе годинава се очекуваат и првите странски планинари.
Целото источно крило во должина од 1.166 км е веќе дигитално мапирано со сите потребни информации за трасата на оваа планинарска мегапатека.
Четири секции од источното крило веќе се дел од светската мапа „Опен стрит“ (Open Street Map), односно тие веќе се наоѓаат на сите популарни апликации што ги користат планинарите од целиот свет. Со ова Македонија се вброи во списокот на земји со понуда за долгометражно пешачење и планинарење, односно конечно почнува да се искористува потенцијалот на она што може да го понуди Македонија.
Предвидено е да биде најдолга на Балканот
– Во југоисточниот регион, низ кој поминуваат втората, третата и четвртата секција од источното крило, веќе се и теренски маркирани речиси 300 км од трансверзалата, додека во преостанатиот дел од источното крило има маркирани околу 80 км од патеката. Со зголемување на температурите ќе се зголеми и темпото на маркирање и целта е до крајот на годинава целото источно крило, освен дигитално, да биде маркирано и теренски – ни изјави Гоце Монев, координатор на југоисточниот реон на асоцијацијата „Македонска бесконечна трансверзала“, која го развива овој проект.
Најголемиот предизвик при маркирањето со кој се соочува асоцијацијата е како што се очекуваше – дивата, а на некои места и легалната сеча на шумите, што води кон уништување не само на маркациите туку и на самата патека.
– Се очекува до крајот на годинава да биде комплетирано дигитално мапирано и целото западно крило во должина од 870 км, со што ќе се комплетира целата трансверзала со вкупна должина од 2.070 км, најдолга на Балканот и една од најдолгите во Европа и во светот – дополнува Монев.
Секоја секција по една трансверзала
Секоја секција од Македонската бесконечна трансверзала е наедно и посебна трансверзала сама по себе, па така, на светската мапа „Опен стрит“ веќе се трансверзалите: I1. Партизанска, I2. Јужна Македонска, I3. Спили и водопади и I4. Источна македонска, во вкупна должина од 708 км. Во следниве месеци на мапите на „Опен стрит“ ќе бидат мапирани и: I5. Осоговска, I6. Славишка и I7. Историска трансверзала.
Европските патеки Е1 – Е12 се мрежа на долги пешачки патеки што поминуваат на територијата на цела Европа.
– Со самото комплетирање се создаваат услови еден разгранок од трансверзалата да стане дел од официјалните европски патеки, поточно дел од рутата Е7, која започнува од Португалија и води преку Шпанија, Франција, Италија, Словенија, Унгарија и во моментов завршува во Србија, поточно на нашата северна граница. Дополнително, во иднина ќе може многу лесно, преку кратки странични патеки, да се поврземе и со европските патеки Е4, која поминува низ Бугарија, и Е6 во северна Грција – објаснува координаторот.
Бенефиција за руралниот туризам
Со овој проект Македонија ќе стане примамлива дестинација за сите планинари од целиот свет што се љубители на трансверзалното планинарење, каде што планинарите поминуваат од неколку дена до неколку месеци поминувајќи одредена подолга патека.
Овој тип туристи се задржуваат многу подолго, што значи голема бенефиција за македонскиот туризам и економија, а особено за развој на средините низ кои поминува трансверзалата. Земајќи во обѕир дека посетителите се движат пред сѐ во руралните предели на земјата, каде што ги вршат своите набавки и ги користат услугите на локалната заедница, повеќе од очигледни се придобивките за овие подрачја и за нивниот развој.
Што е всушност Македонска бесконечна трансверзала?
Македонска бесконечна трансферзала е кружна мегатрансверзала – непрекината планинарска патека што поминува низ поголемиот дел на територијата на Македонија, поминувајќи директно или во непосредна близина на огромен број природни убавини, историски локалитети и други знаменитости. Проектот се реализира од страна на асоцијацијата „Македонска бесконечна трансверзала“ и досега се трасирани и дигитално мапирани над 90 отсто од трасата, а јавно од неодамна е достапно целото источно крило во должина од 1.166 км.
Станува збор за огромен и импозантен проект, не само поради импресивната должина туку и поради тоа што поголемиот дел од трансверзалата, односно околу 1.500 км се нови патеки, кои наменски се трасираат за оваа намена. Дополнително, со трасата се промовираат и многу предели што се помалку познати за планинарската заедница и на некој начин се неправедно запоставени и покрај својата убавина. Повеќе информации за новата македонска мегатрансверзала може да се најдат на веб-страницата