Скопското трио „Мај тиар“ планира на почетокот на следната година низ регионот концертно да го претстави албумот „Кога не се сакаме“, кој беше објавен кон средината на септември. Пред сето тоа, бендот ќе одржи концерт за домашната публика на 6 декември, во „Станица 26“ во Скопје. „Кога не се сакаме“ е достапен на сите дигитални платформи, а до крајот на годината ќе биде достапен и на плоча како заедничко издание на независните издавачи „Корпус деликти“ од Македонија, „ЈаЈаЈа рекордс“ од САД и „Поп депресија“ од Србија.
Во триото членуваат: Дени Крстев (вокал и гитара), Кристијан Лафазановски (тапани) и Ненад Трифуновски (бас). Идејата на бендот е албумот да звучи како модерна варијанта на македонските бендови од осумдесеттите како „Хаос ин Лаос“, „Токму така“, „Падот на Византија“, „Мизар“, „Бадмингтонс“…
Пред излегувањето на албумот се објавени два сингла – „На старите станици“ и „Истото го сакаш“, кои беа одлично примени во регионот, а на „Кога не се сакаме“ се наоѓаат уште седум песни, меѓу кои и „Овој ден“ од репертоарот на „Фонија“. Во 2019 година „Мај тиар“ го објавува својот истоимен албум како дигитално издание и на плоча, а пет години подоцна, добропознатите андерграунд-воини и членови на бендовите „21 век“, „Фонија“, „Хахаха“, „Бернајс пропаганда“ се во нова мисија да го дадат својот најдобар концерт досега.