Кинеска мода на 32. издание на Моден викенд-Скопје

Неколку кинески дизајнери се претставија на отворањето на 32. издание на Моден викенд-Скопје во „Дајмонд мол“. Првиот сегмент, „Кинеска вечер“, беше реализиран со поддршка на Амбасадата на Народна Република Кина, а пред публиката се обрати амбасадорката Џијанг Сјаојен. Во истиот културен контекст значајно место имаше и изложбата на костими, која внесе историска димензија и овозможи директен дијалог помеѓу традицијата и современата мода. Оваа модна приказна понуди бои и дезени во свила што го слават културното богатство на Кина и уникатни рачни изработки што ја отсликуваат богатата и разновидна кинеска модна сцена.
– Првиот ден на Модниот викенд не се обиде да остави впечаток, тој постави рамка. Преку културна дипломатија, технолошка иновација и едукативен контекст, стана јасно дека ова повеќе не е настан што следи трендови, туку платформа што создава услови. По триесет и две сезони, модата тука повеќе не се појавува, таа се гради континуирано, со јасна структура – велат од Моден викенд-Скопје.
Програмата продолжи викендов, со фокус на одржливоста и регионалниот моден контекст, поврзувајќи ја локалната сцена со пошироката европска перспектива.
– Прекрасна кинеска вечер на Моден викенд-Скопје! Благодарни сме за топлата поддршка од публиката во Северна Македонија што ги прифати кинеската мода и култура. Останете со нас за уште настани посветени на кинеската култура – порачаа од Амбасадата на Народна Република Кина.
Во саботата, пак, познатиот македонски моден бренд „Елена Лука“ беше домаќин на Салонот на кинеската култура, во коорганизација со Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија. Овој ексклузивен и елитен настан, кој се одржа во ателјето на „Елена Лука“, беше спектакл со интимна и префинета нишка од затворен круг со околу 50 елитни гости, посветен на љубителите на високата мода и културното наследство. На Салонот беа претставени четири врвни кинески дизајнери, меѓу нив и дизајнерка на накит, со нивните уникатни креации што ја отсликуваат богатата и разновидна кинеска модна сцена. Настанот беше вистински мост помеѓу македонската и кинеската културна традиција, каде што секој детаљ е внимателно селектиран за да создаде исклучително визуелно и естетско доживување. Овој настан не беше само модна презентација туку и средба на две богати култури, каде што традицијата и современото се преплетуваат во еден естетски спектакл, создавајќи искуство што ќе остане во сеќавање на сите присутни.