Ако имате свој двор, растенијата ќе ви бидат благодарни ако ги искористите лушпите од јајца за да ги нахраните со калциум или дури и да ги заштитите од непожелните полжави. Лушпите од јајца можат да бидат многу корисни ако ги додадете во земјата во која растат зеленчуци и други растенија. Покрај калциум карбонат, тие содржат и други корисни материи, на пример калиум и фосфор, и ја намалуваат киселоста на земјата. Затоа е корисно да ги додадете во земјата во градините каде што се користи природен компост како ѓубриво. Компостот без лушпи од јајца често има премногу висок степен на киселост, што може да го намали начинот на кој растението ги апсорбира хранливите материи.
Бидејќи се биоразградливи, идеални се за расад
Потребно е лушпите да се издробат и да се распрснат врз земјата, а поради острите рабови, корисни се и во одвраќањето на полжавите. Секоја година наоѓаме нови начини како да ги сузбиеме овие штетници што можат да ни го уништат приносот поради тоа што се предизвикувачи на растителни болести, главно габички и вируси. Ако соберете доволно лушпи, можете да направите толку дебел слој што постои можност да се спречи и растот на коровот. Бидејќи се биоразградливи, идеални се за расад.
Постапката е многу едноставна – потребно е да се стерилизираат во врела вода и потоа да се стават половина час во рерна на температура од 90 степени. На дното треба да се направи мала дупка за дренажа и да се додадат земјата и семето. Откако растението ќе никне, сè заедно се пресадува на избрано место. Лушпите може да се стават во земјата покрај растенијата цели или издробени. Бидејќи е потребно неколку месеци коренот да ги апсорбира состојките, се препорачува посипување во есенскиот период – така хранливите материи ќе стигнат до пролетта во земјата.
Подобар начин за ѓубрење е подготовка на чај од лушпи
Сепак, многу подобар начин за ѓубрење е подготовката на чај од лушпи, така што се варат во неколку чаши дестилирана вода. По вриењето се оставаат да се ладат 24 часа. Резултатите се изненадувачки. Концентрациите на елементи што обично се појавуваат само во траги – натриум, фосфор и магнезиум, вака се зголемуваат. По цедењето, течноста е подготвена за употреба во градината.
Доволни се четири-пет лушпи по градинарско растение, а за растенија во садови две-три. Чајот треба да се додава во земјата на интервали од недела или две. Може да се користи и водата во која сме ги вареле јајцата. Две шолји од оваа вода по растение ќе бидат доволни.
Покрај подготовката на чај, лушпите може да се измешаат и со кафе, кое е богато со азот, а тоа дополнително ќе ја намали киселоста на почвата.
Калиумот и калциумот од лушпите од јајца можат да им помогнат на растенијата подобро да се справат со високите температури и сушата, што е особено важно за плодовитите зеленчуци како што се доматите и пиперките. Овие растенија се подложни на скапување.




































