Американските и јужнокорејските научници открија дека постои премногу силна врска помеѓу вработениот човек и роботот и дека тоа е лошо за компаниите.
Научниците од САД и Јужна Кореја предупредуваат дека ситуациите во кои луѓето како вработени развиваат силна емоционална врска со роботските „колеги“ може негативно да влијаат на севкупниот квалитет на тимската работа и перформансите на компанијата.
Студијата на научниците од Универзитетот во Мичиген и од универзитетот „Сунгкјункван“ откри дека случаите кога работникот е повеќе приврзан за робот често доведуваат до менталитет „ние против нив“, каде што двојката човек-машина се натпреварува со преостанатите во тимот наместо позитивно да придонесе за тимските односи и перформанси. На воведувањето роботи на работните места досега главно се гледаше позитивно, додека можните негативни последици во голема мера беа игнорирани.
Лајонел Роберт, вонреден професор на информатичката школа на Универзитетот во Мичиген, и Сангсеок Ју, доцент по менаџмент на информациски системи на универзитетот „Сунгкјункван“, спроведоа серија експерименти за да утврдат како прекумерната поврзаност помеѓу човек и робот влијае на севкупните перформанси на тимот.
Во еден експеримент, 88 вработени биле поделени во 44 тима, секој составен од двајца луѓе и два робота. Тимовите добиле задача да преместуваат шишиња од различни позиции како натпреварување. По завршувањето на експериментот, учесниците биле прашани како ги оценуваат нивните перформанси и поврзаност со човечките и роботските партнери. Откриено било дека кога луѓето развиле поголема врска со роботите, малите тимови од четири члена (двајца луѓе и две машини) главно биле дополнително поделени во подгрупи, што негативно влијаело на квалитетот и перформансите на тимот.
Научниците навеле дека постои начин да се спречи таквиот непожелен процес, а препораките се базирани на искуствата на 112 испитаници од различни индустрии каде што луѓето работат со роботи. Заклучокот е дека се потребни дополнителни напори за да се подобри комуникацијата меѓу луѓето или инаку би можеле да се поврзат со машините. Меѓу препораките се заеднички активности, како што се екскурзии, спортски настани за вработените и слично или разни активности што ќе го подобрат тимскиот дух.