Фото: Охрид фест

На три недели пред 31. издание на „Охрид фест“, уметничкиот директор на фолк-вечерта Љупчо Соколовски, открива дел од учесниците, музиката што ќе преовладува и порачува дека и годинава ќе сведочиме за квалитена народна песна и врвна интерпретација.

-Како и минатата така и годинава, како уметнички директор на Фолк вечер на „Охрид фест“, целта ми е да имаме квалитетни песни што ќе бидат на високо ниво, бидејќи според многу компетентни критичари и новинари од музичката фела добивме позитивни критики за ланското издание. „Охрид фест“ беше еден од најдобрите фестивали за 2023 година.

Песните што ќе се разлеат од Долни Сарај на 30 август се во духот на охридскиот мелос, можеби со помодерни аранжмани, но сепак ќе биде запазен звукот на мандолината, тамбурата, кларинетот и на виолината. Да потсетам дека лани имаше доста наши музички звезди кои се претставија со навистина квалитетни композиции. Го следиме тој модел: ќе бидат изведени 20 песни од различни автори, што значи дека песните стилски ќе се разликуваат, ќе имаме различни мелодии. Ќе набројам само дел од учесниците: Благица Павловска, Катерина Танева, Горан Кукиќ, Ленче Кукиќ, Нино Величковски, Ирена Спасовска, Влатко Миладиноски, групата Биоритам, Драган Николовски, Благоја Грујовски, Анета Арсовска, Петар Нечовски, Катерина Ристова…На сите учесници им посакувам успешен настап – вели Љупчо Соколовски.

Тој како уметнички директор во последните две години воведе доста промени во уметничкиот дел, а според Соколовски успешноста на фестивалот е резултат и на одличниот тим што стои зад овој фестивал.

– Квалитетот го препознаа и новинарите, медиумите, порталите, а сето тоа придонесе „Охрид фест“да блесне со полн сјај. Годинава имаме доста големи музички имиња,па верувам дека фестивалот ќе биде вистински празник на музиката. Но, на секое издание се раѓаат нови млади квалитетни музички имиња, кои имаат простор да се покажат пред публиката и да се промовираат, а тоа е нешто што е многу потребно во ова време. Дефинитовно, фестивалите придонесуваат за зачувување на нашата фолк песна. А колку повеќе нови песни се раѓаат- толку повеќе ќе се намали просторот за наплив на туѓа музика на овие простори – посочи Соколовски. М.Т.