Холандската лингвистка Леони Корнипс е фасцинирана од начинот на кој комуницираат кравите. Дали тоа може да се нарече јазик? Леони Корнипс е социолингвистка во институтот „Меертенс“ во Амстердам, Холандија. Научниците што минуваат низ украсените врати на институтот обично се специјализирани за изучување на холандскиот јазик и култура. Елоквентната истражувачка ги доби своите академски лаври во 1990-тите, а таа сè уште ги проучува варијациите во синтаксата помеѓу различните дијалекти во Холандија. Но, дополнително, работата на Корнипс неодамна го зафати она што професионалците во областа го нарекуваат животински пресврт.
Корнипс со години го поминувала својот летен одмор на фарма. Од самиот почеток, таа била воодушевена од различните личности на поединечните крави. Таа прочитала есеј од филозоф во кој прашува зошто лингвистите никогаш не ги проучуваат животните. Тоа длабоко ја погодило. Корнипс верувала дека кравите имаат интелигенција и социјални навики да бидат добри истражувачки субјекти за еден лингвист. Како Холанѓанка, таа исто така знаела дека кравите се културни икони во нацијата што сака сирење. Затоа своите професионални вештини ги насочила кон кравите.
Со векови луѓето претпоставувале дека способноста да се користи јазикот е мерка за нашата супериорност. Јазикот, како што велат многу лингвисти, е она што нè прави луѓе. Животните може да рикаат, да лаат или да црцорат, но не поседуваат нешто што се смета за јазик. Корнипс ја користи својата работа со кравите за да ја побие таа идеја. Многу од колегите на Корнипс биел скептични кога таа предложила да се примени рамката на лингвистиката на животните.
– Проблемот е што луѓето немаат јасна претстава за јазикот. Кога зборуваат за јазикот, секогаш зборуваат за она што излегува од устата. Но откако поминав шест години длабоко нурната во животот на кравите, верувам дека јазикот подобро се разбира како „дистрибуиран“ помеѓу устата, телото и околината, што го прави отелотворен, мултимодален и сетилен. Јадам со крави, ги допирам, ги бакнувам, шетам со нив, ги гушкам – вели таа.
Корнипс ангажирала фармери за да ѝ помогнат да ги сними фреквенцијата, времетраењето и интензитетот на звуците што ги испуштаат кравите. Но таа се фокусирала и на други начини на кои значењето се изразува кај добитокот. Нејзините методи често се етнографски, начин на проучување на културите што во голема мера се потпира на набљудувањето на истражувачот. Корнипс внимателно ги набљудувала однесувањето и интеракциите на кравите со звукот за да одреди како тие комуницираат.
– Забележувам дека кај кравите телото е инструмент за запознавање со другиот – вели таа.
Според Корнипс, кравите на пример имаат разработен ритуал за поздравување што таа морала да го следи за успешно да влезе во ритамот на стадото.