Сцената „Долни Сарај“ беше центар на музичките збиднувања во Охрид со концертот на „Охридско лето“ што го одржаа Националниот џез-оркестар и познатиот нигериски музичар, текстописец, вокал и саксофонист Шеон Кути, под диригентската палка на маестро Џијан Емин.
Кути, познат по своите атрактивни изведби и социјално свесна музика, е најмладиот син на пионерот на афробитот Фела Кути. Тој поголемиот дел од својот живот го помина зачувувајќи го и продолжувајќи го политичкото и музичкото наследство на неговиот татко како водач на бендот „Еџипт 80“. Шеон Кути беше номиниран за наградата „греми“ во 2018 година и често соработува со врвни џез-музичари.
На програмата беа изведени авторски композиции од богатото творештво на Кути, со аранжмани специјално направени за изведба со биг-бенд оркестар.
– Ова беше премиерна изведба на ваков тип музика, бидејќи се нови аранжмани, кои ги работевме со Шеон за овој проект, така што ова е премиерна изведба. Имаше композиции што никогаш досега не биле изведени, премиерни се, и не се издадени на ниту еден носач на звук. Размислувавме што би било интересно да направиме а да биде малку поинакво од сите претходни години и констатиравме дека можеби афробит-музиката или стилот е добро решение за еден летен концерт на кој луѓето можат да уживаат, да танцуваат и да се веселат на убавите и силни текстови што повикуваат на љубов, слобода, на револуција, на спас за духот – вели диригентот Џијан Емин.
Целата музика што беше претставена, според него, е базирана на танц.
– Мене лично, ме привлекува африканската музика, а ретко се случува да имаме вакви настани. Овој концерт е прва соработка на Националниот џез-оркестар со Шеон Кути. Кога бев дел од Македонската филхармонија, работев со неговиот постар брат Феми Кути, со кого одржавме концерт во Градскиот парк во Скопје, но и еден концерт во Белград пред 25-илјадна публика – појаснува Емин.
Националниот џез-оркестар е резултат на напорите на врвните џез-музичари од земјава со интернационална кариера, студенти и професори од џез-академиите во Скопје и во Штип, како и на многубројните љубители и поддржувачи на џез-музиката во Македонија. Како национална установа постои од 2024 година, а почетоците и првите биг-бенд концерти датираат од 2016 година, во рамките на Здружението на џез-музичари и слободни уметници.