Некои вообичаени лекови, како што се антидепресиви, апчиња за спиење и лекови против болки, може да ја нарушат способноста за возење кај постарите возрасни лица, открива нова студија.
Многу различни групи лекови се поврзани со ризикот од нарушена способност за управување со моторно возило. Во тоа би можел да се увери секој што некогаш ги прочитал упатствата за употреба на лекот.
Ново истражување ги следело постарите лица 10 години и ги тестирало нивните возачки способности со годишни тестови, пишува „Медикал експрес“.
Истражувањето покажа дека оние што користеле одредени видови лекови биле изложени на поголем ризик да паднат на тестот во одреден момент. Кога постарите лица земале антидепресиви, апчиња за спиење или НСАИЛ, тие имале речиси трипати поголема веројатност да бидат оценети како неуспешни или „на граница“ од оние што не ги земале.
Дејствуваат на нервниот систем
– Резултатите не докажуваат дека лековите се виновни – вели водачот на студијата, д-р Дејвид Кар, специјалист за геријатриска медицина на Медицинскиот факултет на универзитетот „Вашингтон“ во Сент Луис.
Според него, тешко е да се повлече директна линија помеѓу одреден лек и нарушената способност за возење. Дали е во прашање тој лек или здравствената состојба што ја лекува или некој друг лек што го зема постарата личност?
Меѓутоа, во оваа студија, Кар и неговите колеги беа во можност да земат предвид многу фактори, вклучувајќи ги здравјето на учесниците, меморијата и вештините за размислување, проблемите со видот и дали тие живееле во побогата или посиромашна средина, а одредени групи лекови и понатаму се поврзуваат со послаби перформанси во возењето.
Покрај тоа, рече Кар, познато е дека многу од овие лекови влијаат на централниот нервен систем, со потенцијални несакани ефекти, како што се сонливост и вртоглавица, кои можат да влијаат на возењето.
– Заклучокот е дека треба да обрнеме внимание на ова и да им дадеме соодветни совети на нашите пациенти – рече Кар.
За жал, додава тој, за време на временски ограничени посети на лекар, дискусиите за несаканите ефекти од лековите може да паднат на страна. Значи, тоа е местото каде што пациентите треба да бидат проактивни. Поставувајте прашања за можните несакани ефекти кога ќе добиете нов рецепт и ако се прашувате дали вашата тромавост или други симптоми може да бидат резултат на лекот, разговарајте со вашиот лекар.
-Не би сакале некој сам да престане да ги зема лековите. Разговарајте со вашиот лекар за какви било промени – нагласува Кар.
Лекови што не се поврзани со способноста за возење
Истото го повтори и Џејк Нелсон, директор за истражување за безбедност во сообраќајот во непрофитната организација ААА.
– Добрата вест е дека вашиот лекар можеби ќе може да направи некои промени, како што се префрлање на друг лек или приспособување на дозата или времето од денот кога земате одреден лек – рече Нелсон.
Тој ја истакна и улогата на фармацевтската индустрија во решавањето на овој проблем. Според Нелсон, постојат подобри начини да се предупредат корисниците на лекови за ризикот од нарушено возење, што обично е со „ситни букви“.
Студијата, објавена на 29 септември во стручното списание „JAMA“, опфатила 198 возрасни лица, кои на почетокот имале просечна возраст од 73 години.
Никој немаше знаци на когнитивно оштетување (проблеми со меморија, расудување или други мисловни вештини). Учесниците во студијата имаа годишни контроли, кои вклучуваа тест на пат со професионален инструктор за возење, до 10 години. Во тој период, 35 отсто добиле лош или граничен резултат на тестот во одреден момент. Постарите лица што земале антидепресиви, апчиња за спиење или нестероидни антиинфламаторни лекови биле изложени на зголемен ризик.
Шансите беа најголеми за оние што земаа антидепресиви или апчиња за спиење, со вкупно 16-17 проценти полоши резултати. Ова се споредува со стапките од шест до седум проценти од нивните врсници што не ги користат овие лекови.
– Имаше неколку изненадувања – рече Кар.
Истражувачите не нашле врска помеѓу антихистаминиците или антихолинергичните лекови и способноста на постарите лица да управуваат со моторно возило. Антихистаминиците се познати по тоа што ги прават корисниците сонливи. Антихолинергичните лекови се користат за лекување низа состојби, од хиперактивен мочен меур до хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) до симптоми на Паркинсонова болест. Тие можат да предизвикаат несакани ефекти како седација и заматен вид.
– Но е можно постарите возачи во оваа студија да користеле понови антихистаминици што не предизвикуваат сонливост или премалку лица земале антихолинергици за да откријат значителен ефект – рече Кар.